Велес, 16 март 2020 (МИА) – Кризниот штаб на Општина Чашка, со кој раководи градоначалникот Горан Стојановски формира мобилен тим за помош на сите стари и изнемоштени лица и лица со попреченост од Општината.
Секој граѓанин од наведените категории, кој има потреба од набавка на лекарства, прехрамбени производи и средства за хигиена, со цел да не остварува непосреден контакт со останати луѓе и се изложи на дополнителна опасност од инфицирање со вирусот Ковид -19, ќе може да телефонира секој ден од неделата, на телефонските броеви – 076 426 830 и 075 499 340 секој ден во периодот од 7 до 19 часот.
Од Општина Чашка апелираат граѓаните да се однесуваат одговорно и да останат дома и им препорачуваат да настојуваат да се врши бесплатен лекарски преглед на сите жители во населени места кои доаѓаат од странство.
– Со ова спречувате евентуалните заболени да не го пренесат вирусот на вашите најблиски, а потоа и на останатите. Оние кои не сакаат да одат на преглед може да ги пријавите на броевите – 071 219 278 Центар за јавно здравје – Велес, 195 – Центар за управување со кризи, 192 – Полиција или 043 241 133 Полициска станица – Чашка, соопшти Општината.
Тие информираат дека полицијата ќе врши поголема редовна контрола на лица и возила.
Општина Чашка забрани јавни собири и работа на кафитерии, ресторани и чајџилници, освен оние кои доставуваат храна. Во продавниците се забранува групирање и задржување на подолго време.
Од Општина Чашка апелираат да се внимава при партиски собири и собирања во верски објекти (цркви и џамии) и истите да се избегнуваат колку што е можно повеќе.
Воедно потсетуваат задолжително да се води лична хигиена и да се користат заштитни маски и ракавици доколку има потреба да се излегува надвор. ад/мс/