Кавадарци, 20 март 2020 (МИА) – Кризниот штаб за заштита и спасување на општина Кавадарци
одржа состанок со Дирекцијата за заштита и спасување, Центар за управување со кризи и ОВР Кавадарци и донесе неколку заклучоци за заштита од коронавирусот, меѓу кои и дезинфекција на сите банкомати и слични апарати од страна на службите на ЈП Паркинг, но и избегнување на групирања на над пет лица во општината.
-Службите на ЈП Паркинг да ги дезинфицираат сите банкомати и други слични апарати со средство за дезинфекција на секои 30 до 40 минути. Согласно заклучокот од 23 седница на Влада на Република Северна Македонија, општинскиот штаб за заштита и спасување препорачува на жителите на општина Кавадарци да ги почитуваат сите препораки и да се избегнуваат сите групирања над 5 лица, информира на денешната прес-конференција градоначалникот Митко Јанчев.
Во однос на овие заклучоци за територијата на општина Кавадарци препораката е да не се групираат над 5 лица во викенд населбите Моклиште, споменикот на 12 Ваташки младинци и викендиците на Тиквешко езеро. На овие места, како што рече градоначалникот, ќе има редовна контрола од ОВР Кавадарци.
Почнувајќи од денеска, на трите влезови во градот ќе се постават пунктови за дезинфекција на сите возила кои што влегуваат во градот и транзитираат. На пунктовите ќе бидат дежурни лица од Шумско стопанство Бор Кавадарци, Дирекција за заштита, Територијална противпожарна единица, ЈП Комуналец, инспекциско одделение на општина Кавадарци, Мој општинар и ОВР Кавадарци.свд/бт/