Скопје, 4 јуни 2020 (МИА) – Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски денеска информира дека на двајцата инспектори кои вчера вршеле надзор во угостителскиот објект каде беше затекнат и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не им било дозволено да направат контрола во внатрешноста на објектот.
Тие, како што појасни Пауновски, биле во рутинска контрола, но кога не им бил дозволен влез внатре во објектот, се посомневале по што викнале уште двајца колеги, а подоцна и раководителот на Одделението во Скопје.
Против угостителскиот објект веќе е поднесена прекршочна постапка за спречување на службени лица да вршат службени дејствија, а денес и поднесена и кривичина пријава согласно член 205 и 206 од уредбата на Владата.
Нагласи дека не постои селективност во постапувањето и оти она што го интересира Пазарниот инспекторат се правните лица, а не и физичките лица кои се затекнати во објектот.
– Како Инспекторат постапуваме само против правните лица кои не ги почитуват протоколите. Физичките лица ниту не интересираат, ниту ги легитимираме. Единственото нешто што ги интересирало инспекторите е зошто не се отворало, рече Пауновски на денешната прес-конференција во Владата.
Апелираше да се остават инспекторите да ја вршат својата работа и да не се ставаат во политичка конотација.
– Оставете ги инспекторите да ја вршат својата работа. Да не се вплеткуваат во политички игри. Она што некој сака да го стави во контекст на политиката дека како Пазарен инспекторат сме инсталација на власта не е точно. Единствениот во Пазарниот инспекторат кој е инсталиран од власта сум јас. Сите вработени во Инспекторатот се наследени од претходните власти. Затаоа апелирам оставете ги инспекторите да ја врашт работата, истакна Пауновски.
Од четвртокот наваму Државниот пазарен инспекторат има поднесено 28 кривични пријави и 38 прекршочни пријави. Затекнати се и 47 даночни нерегистрирани даночни обврзници од областа на угостителството. Најмногу прекршувања има во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Струга. Од скопските општини најмногу прешувања се евидентирани во Чаир. бак/сп/