Кавадарци, 31 март 2020 (МИА) – Крводарителска акција беше спроведена денеска во големата сала на општинската зграда во Кавадарци, собрани се 46 единици крв. Организацијата беше на кавадаречкиот Црвен крст, а реализацијата на Институтот за трансфузиона медицина -Скопје.
– Поради зголемени потреби од крвни единици на државно ниво, ги повикавме сите крводарители кои се чуствуваат здраво, да даруваат крв и да ја покажат и овој пат својата хуманост и солидарност. Кавадарци секогаш било на висина на задачата, за МИА изјави Димитар Каракулев, претседател на Црвен крст Кавадарци.
Денешната крводарителска акција тој ја оцени повеќе од успешна, со оглед на вонредната состојба во државата.
– Годишниот план на Црвениот крст Кавадарци за крводарителство за двете општини, кавадаречката и росоманската, изнесува 1.184 крвни единици. За првите три месеци досега се собрани 581 единица, што значи дека во првото тромесечие остваруваме половина од годишниот план, нагласи тој.
Каракулев упати благодарност до градоначалникот Митко Јанчев и локалната самоуправа Кавадарци што ја отстапија големата сала на општината и овозможија да се реализира оваа крводарителска акција и благодарност до сите крводарители од двете општини кои денеска даруваа крв и ја покажаа својата хуманост и солидарност.
-Имавме експлозија на хуманоста денеска во Кавадарци, во услови на вонредна состојба поради корона вирусот. Продолжен беше и предвидениот термин за дарување, за да можат крв да дадат сите хуманисти, додаде Каракулев.свд/см/