„Една личност во кралското семејство избега од бесот на војводата и војвотката од Сасекс во нивното разорувачко интервју за Опра Винфри: кралицата,“ коментира британски „Гардијан“.
„Принцот Хари е повреден од тоа што бил изневерен од принцот Чарлс. Тврдењето на Меган дека војвотката од Кембриџ ја расплакала, а не обратно. Тагата на Хари поради раздорот со принцот Вилијам… сè беше разголено.“
„Но, немаше ништо друго освен пофалби и топли зборови за 94-годишната баба на Хари, и покрај нејзината позиција како шеф на „фирмата“, семејството и институцијата за кои парот тврди дека толку лошо се однесувале кон нив.“
„Гардијан“ го цитира авторот и кралскиот историчар Роберт Лејси кој вели: Мислам дека има личен, а исто така и политички аспект. Ако се осмелеа да ја нападнат кралицата, ќе изгубеа огромна симпатија.
Интервјуто претставува „огромен судир на култури и вредности, судир на генерации, психолошки судир помеѓу укочена горна усна и климава долна брада“, вели кралскиот историчар.
Хари откри дека додека тој и Меган биле во Канада минатата година, пред да ја соопштат намерата да се повлечат од кралските должности, татко му Чарлс ги одбивал неговите повици. „Во тие моменти ги зедов работите во свои раце“, рече тој.
За Чарлс, тој додаде: „Се чувствувам навистина разочаран, бидејќи тој поминал низ нешто слично. Тој знае како изгледа болка, и Арчи е негов внук.“
А што се однесува до кралицата, принцот Хари ги негираше наводите дека ја „замајувал“ својата баба, односно не ѝ ја кажувал правата вистина. Тој рече дека има премногу почит кон неа.
Според „Гардијан“, неговата блискост со кралицата отсекогаш била очигледна по загубата на мајка му, Дијана, принцезата од Велс. Многумина сугерираат дека кралицата е таа што зачекори во улогата на маќеа, а не војвотката од Корнвол.