Официјална најава за актер кој што ќе го глуми Џејмс Бонд сè уште нема, но тоа не ги спречува шпекулациите за можниот наследник на Даниел Крејг, кој глуми петти и последен пат како британски таен агент во „Не е време за умирање“.
Дали среќниот актер ќе биде познат или тоа ќе биде неочекуван избор, како што беше Крејг, останува да се види. Возраста е уште еден фактор, со оглед дека актерите можат да поминат една деценија глумејќи го 007.
Кога Крејг прв пат го глумеше Бонд во „Казино Ројал“ (2006), серијалот имаше за цел да се ребрендира со помлад, посилен, поатлетски лик во ера кога акционите Џек Бауер во „24 часа“ (2001) и Џејсон Борн во „Борнов идентитет“ (2002) се закануваа на харизмата на 007.
Сега, откако Крејг – кој заедно со Шон Конери се сметаат за најуспешни актери во улогата – потврди дека се повлекува, речиси никој не може да претпостави кого ќе избере Барбара Броколи и нејзиниот полубрат Мајкл Вилсон за негов наследник.
Првично, фановите на 007 гледаа како инкарнацијата на Крејг оди премногу далеку од ликот во книгите на Јан Флеминг и дека Крејг не сака да го потретира на традиционалниот луцкаст начин.
„Тој е старомоден лик, но модерен шпион“, изјавил Крејг во една прилика. „Мислам дека денес сме малку повеќе цинични во врска со светот“.
„Јан Флеминг пишувал за идеален аматер: британски џентлмен, кој возел Бентли, играл крикет за Англија, шпионирал за МИ6 и пловел низ целиот свет. Такви луѓе веќе не постојат. Би било убаво да мислиме дека го прават тоа, но не е така.“