Утрински Весник
Македонија

Кочанските риболовци пуштија 400 килограми крап во акумулацијата Гратче

Кочанските риболовци пуштија 400 килограми крап во акумулацијата Гратче

Кочани, 22 мај 2020 (МИА) – Членовите на спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“ денеска пуштија 400 килограми крупен и ситен крап во акумулацијата Гратче, како дел од нивните активности за збогатување на рибниот фонд во езерото.

Ова е второ порибување годинава за кое риболовното здружение инвестираше околу 90 илјади денари, сопствени средства собрани од членарина и од продажба на риболовни дозволи, како и со финансиска поддршка од Општина Кочани.

-Почитувајќи ги законските обврски со концесискиот договор, во езерото пуштивме 100 килограми рибен подмладок, а останатата количина е крап со тежина од 1,5 до четири килограми. Во моментот во важност е целосна забрана за риболов што почна пред две недели и ќе трае до 15 јуни, а новина е тоа што годинава има намалување на тежината по примерок за улов, односно ќе биде дозволено да се лови риба до три килограми, истакна Димитар Димитров, претседател на риболовното здружение „Кочански рибар“.

На порибувањето на езерото Гратче присуствуваше и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев при што упати благодарност до риболовците кои се грижат за одржување на рибниот фонд и животната средина.

– Општина Кочани ќе продолжи да поддржува вакви и слични акции, што овозможуваат дополнителна можност за развој на туристичките и рекреативните потенцијали. Освен тоа, ние како локална самоуправа го вклучивме просторот околу акумулацијата во проектот „Планински велосипедски рај“, со што во наредниот период тој ќе биде уреден и ќе добие поинаков изглед, а со патека за авантуристички велосипедизам долга 35 километри ќе биде поврзан со Кочани и со планинскиот центар Пониква, истакна градоначалникот Илијев.

Од спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“ најавија дека до крајот на годината планираат најмалку уште две порибувања на езерото Гратче, а ќе ја продолжат и соработката со Општината за реализација на други проекти за збогатување на рибниот фонд и зачувување на природната околина. та/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме