Утрински Весник
Македонија

Кочанските пожарникари лани интервенирале 338 пати на двојно поголема опожарена површина

Кочанските пожарникари лани интервенирале 338 пати на двојно поголема опожарена површина

Кочани, 18 мај 2020 (МИА) – Вкупно 338 интервенции имала Територијалната противпожарна единица од Кочани во текот на 2019 година за гасење пожари и за технички интервенции, што е идентично на претходниот едногодишен период, но на двојно поголема опожарена површина.

Најголем број од интервенциите, односно 250 биле за гасење оган на отворен простор, при што е изгорена површина од над 640 хектари. Во 11 случаи се интервенирало во гасење пожар во шумски појаси со зафатена површина од над 280 хектари, а останатите интервенции се кај запалени стрништа и други пожари на отворено.

-Нашите пожарникари лани дури 55 пати беа повикани за гасење запалени објекти, од кои само четири беа во општините Зрновци и Чешиново-Облешево, а останатите во Кочани. Во 12 случаи се интервенираше кај запалени патнички моторни возила, а  имавме и 25 технички интервенции, меѓу кои и за асистенција при извлекување повредени во сообраќајни несреќи, помош при поплави и слични случаи. Освен тоа, им помагавме и на противпожарните единици од другите општини, при што четири пати соработувавме со колегите во Виница, двапати во Македонска Каменица и по еднаш во Берово и Штип, истакна командирот на ТППЕ – Кочани, Благој Паунов.

На пожарникарите од Кочани во моментот на располагање им стојат три противпожарни возила и по една авто цистерна, теренско и  специјално возило наменето за почетни пожари и помали асистенции во несреќни случаи.

Интервенциите биле на територијата на општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, со оглед што согласно Законот за пожарникарство, кочанските пожарникари имаат надлежност да го покријат и нивниот терен. та/ир

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кај село Миравци пронајдена удавена жена

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава