Утрински Весник
Македонија

Коцарев: МАНУ ги истражува причините за различната клиничка слика на Ковид 19 кај заболените

Коцарев: МАНУ ги истражува причините за различната клиничка слика на Ковид 19 кај заболените

Скопје, 29 мај 2020 (МИА) – Дали вториот бран на пандемијата ќе доведе до крај на човештвото? Не верувам во тоа. Во секој случај треба да бидеме внимателни, посебно кога оваа пандемија ја споредуваме со некои пандемии од минатото или со сезонскиот грип, вели академик Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите.

Во контекст на големиот број институции кои се ставени во функција на борба со пандемијата, академик Коцарев во интервју за „Фактор“ информира дека Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“ (ИЦГИБ-МАНУ) при МАНУ, започна истражување за евалуација на причините за различната клиничка слика на болеста кај пациентите.

-Истражувањата на болеста Ковид-19 се одвиваат во рамките на Одделението за медицински науки, поточно во Истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“ при МАНУ. Истражувањата имаат за цел да ги евалуираат причините за различната клиничка слика на болеста, односно зошто кај некои пациенти болеста се манифестира како асимптоматска или блага респираторна болест ( ~80% од пациентите) додека кај други (~15% од пациентите) истата предизвикува тешко респираторно заболување или живото-загрозувачка системска болест (~5% од пациентите). Причините за овие разлики можат да имаат генетска основа (присуство на варијации во гени кои се одговорни за синтеза на протеини кои учествуваат во иницијација на болеста или во имуниот одговор на пациентите) или во можното присуство на различни субтипови на SARS-CoV-2 вирусот кај пациентите со различна клиничка презентација на болеста. За таа цел ќе се анализираат  ~200 пациенти со различна клиничка манифестација на болеста за овие потенцијални варијабли преку испитување на комплетниот геном на вирусот кој ја предизвикал болеста како и на голем број на генетски и имунолошки маркери кои потенцијално можат да дадат објаснување за воочените разлики, појаснува Коцарев.

Истражувањата, како што наведува, ќе се одвиваат како заеднички проект на ИЦГИБ-МАНУ, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Клиниката за хематологија, и Министерството за здравство. За оваа цел е поднесен проект до Меѓународниот центар за генетско инженерство и биотехнологија во Трст, Италија преку кој би се финансирале дел од овие истражувања.

-Целта на истражувањето е да се откријат потенцијални маркери кои би се користеле за стратификација (поделба) на пациентите спрема ризикот за развој на болеста и како и маркери кои би се користеле како предиктиви параметри за индивидулизација (персонализација) на лекувањето (специфичен лек за различни форми на болеста и различна генетска конституција на заболениот).  Во подготовката на овој предлог проект водечка улога имаше Проф. Др. Димитар Ефремов, надворешен член на МАНУ. Главен истражувач на проектот е Др. Ирина Пановска – Ставридис, директор на Универзитетската клиника за хематологија, посочува претседателот на МАНУ академик Коцарев. вг/лв/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Честитка од ВЛЕН по повод 28 Ноември – Денот на независноста на Албанија

СДСМ: Јаловите напади на ВМРО-ДПМНЕ се доказ за нивната нервоза и страв од промените во СДСМ

Филипче: Започнуваме веднаш со работа, најавувам посета на сите општински организации