ВМРО-ДПМНЕ размислува за нова блокада на Соранието. Ваквата можност вчера лично ја најави опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Тој најави дека во партијата сериозно се размислува, наместо како досега во Собранието да функционира една пратеничка група од 44 пратеници, да се формираат неколку. На ваков начин, според Мицкоски, со демократски алатки, ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на однесувањето на Џафери.
За пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов барањето на ВМРО-ДПМНЕ за повеќе пратенички групи го враќа во минатото, на крвавите настани од 27 април.
-Во однос на најавата на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на повеќе пратенички групи кај мене и кај огромен дел од мнозинството граѓани навестува некаква најава за она што значеше 27 април 2017 година. За жал таа режимска матрица на ВМРО-ДПМНЕ кое се уште е раководено од Никола Груевски не е излезена. Не ме изненадува особено после протестите каде што излегоа во знак на поддршка на луѓето кои тие ги нарекуваат уставобранители, а кои всушност имавме можност да ги видиме ние граѓаните да ги почувствувате вие новинарите и пратениците кои беа дел од 27 април и собраниските служби, рече Костадинов.
На почетокот на минатиот собраниски состав ВМРО-ДПМНЕ како опозициска коалиција формираше 10 пратенички групи, но тој концепт не се покажа како успешен. По доаѓањето на Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците почнаа да функцинираат како една пратеничка група. Планот пропадна бидејќи десетина пратеници се приклучија кон одлуките на владејачкото мнозинство.