Епидемијата со корона вирусот во земјава ја забави изградбата на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце. Јавното претпријатие за државни патишта во моментов ја средува експропријацијата на земјиштето низ кое ќе минува идниот автопат, додека на самиот терен се одвиваат подготвителни работи за изведба на трасата долга 2 километри.
Од вкупно 68 имоти низ кои минува трасата на првата фаза од автопатот, до овој момент се постигнати три спогодби за експропријација на земјиште и осум решенија за експропријација. Заради актуелната состојба со корона вирусот, оваа активност се одвива забавено, велат за „Мета.мк“ од ЈП за државни патишта.
На самата траса по која ќе минува автопатот Скопје – Блаце во моментов се одвиваат подготвителни работи, се врши геодетско снимање на трасата. Изведбата на градежните работи треба да започне по комплетирање на подготвителната фаза. Градежната механизација требаше да стартува со работа во текот на март, но ваквата прогноза беше направена пред појавата на епидемијата со корона вирусот.
Првата фаза од изградбата на овој автопат ја опфаќа трасата од граничниот премин „Блаце“ до клучката кај село Блаце, за која градежната фирма „Гранит“ од Скопје изминатава зима беше избрана за изведувач на градежните работи. Вредноста на проектот е 12,2 милиони евра, а рокот за изведба на автопатот е 18 месеци.
Покрај отпочнувањето со изградба на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце, ЈП за државни патишта за годинава планира да го рехабилитира постојниот магистрален пат до граничниот премин „Блаце“. Јадранската магистрала ќе добие нов асфалт, со што ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот на овој патен правец во периодот до завршување на изградбата на автопатската делница.