Протестите под заеднички наслов „Балкан бара чист воздух“ кои требаше да се одржат денес во Скопје и во осум други градови на Балканот, се одлагаат до завршетокот на епидемијата на корона вирусот или на нивно место ќе бидат одржани еко-перформанси.
– Јавните собири се одложуваат како мерка на претпазливост за да не претставуваат потенцијална опасност по здравјето на граѓаните – вели Горјан Јовановски, еко активист и основач на платформата „Мој Воздух“, кој заедно со „Петоци за иднината“ (Fridays for future) беа организатори на протестот што требаше да се одржи денес со почеток во 18 часот пред Министерството за животна средина.
Засега е одлучено во Скопје и во Сараево протестите да бидат откажани, додека во Белград, Приштина, Призрен и Подгорица протестите треба да бидат заменети со еко-перформанси, а во Бања Лука во Зеница има најави дека протестите сепак ќе се одржат.
Група еколошки здуженија чиј фокус е борба против аерозагадувањето за 28 февруари планираа заедничка акција преку организирање на протести истовремено во девет балкански града, под заедичко мото „Балкан бара чист воздух“.
„Со децении загадувањето на воздухот на Балканот се влошува – стари возила, нерегулирана индустрија, лоши начини на загревање на домовите, согорувањето отпад, сето ова придонесува кон ужасната состојба и тоа е суровата реалност во кога живеат народите на Балканот. Време е да излеземе на улица и да им кажеме што мислиме на владите кои се неспособни да се справат со овој проблем“, се вели, меѓу другото, во повикот за протест против аерозагадувањето кој требаше да опфати поголем дел од балканските земји.
Организаторите најавуваат одржување на протестите кога ќе заврши ширењето на корона вирусот во регионот.