Стокхолм, 30 април 2020 (МИА) – Кризата со коронавирусот ќе доведе до пореметување на фудбалскиот календар најмалку наредните 2-3 години. Ова мислење го изрази членот на Извршниот комитет на УЕФА, Ларс-Кристер Олсон.
Поради коронавирусот, скоро сите фудбалски турнири во Европа беа запрени во средината на март, а Евро 2020 беше одложено за една година.
Според Олсон, сепак, Светското првенство во Катар, кое треба да се одржи помеѓу 21 ноември до 18 декември 2022 година, исто така ќе страда од одложување на календарот.
– Календарот за следните две до три години веројатно ќе мора да се промени како резултат на коронавирусот. Ако вирусот продолжи да се развива повеќе отколку што досега мутирал, несомнено ќе предизвика хаос во меѓународниот фудбал, рече Швеѓанецот.
Веќе преминавме еден турнир од една до друга година. Запомнете дека Мундијалот е исто така позициониран во средината на календарот на европските натпреварувања. Сите овие натпревари треба да се префрлат на некој начин, додаде Олсон.
Шеф на комитетот за Лига Европа, се надева дека Лигата на шампионите и Лигата на Европа ќе бидат комплетирани во август, а конечната одлука за тоа дали натпреварите можат да се одржат, ќе биде донесена до крајот на мај.
– После тоа, нема да биде можно да се донесе таква одлука, бидејќи треба да се земе предвид учеството на тимовите во следната сезона, потенцира Олсон. зс/