Делчево, 9 јуни 2020 (МИА) – Јавната локална библиотека „Илинден” од Делчево поради коронавирусот не работеше повеќе од два месеца, но тоа не се одрази на намалување на бројот на читатели. Ова го потврдија од библиотеката од каде што информираат дека во првата половина од годината имаат 157 нови членови.
-Минатата година во периодот од 1 јануари до 10 јуни, во ЈЛБ „Илинден“ биле зачленети 180 читатели. Оваа година, и покрај ситуацијата со Ковид-19, и покрај тоа што библиотеката повеќе од два месеца беше затворена, бројот на членови во истиот период од лани, изнесува 157 читатели. Само денес до 12 часот имаме четири нови членови, што значи дека полека но сигурно читателите се враќаат кон книгата, информираат од библиотеката во Делчево.
Овој податок, како што додадоа, ги мотивира и обврзува и понатаму библиотеката да ги следи најновите достигнувања во библиотекарството.
-Ќе продолжиме да го купуваме сето она што е ново и хит во светот на книгите и понатаму ќе им стоиме на располагање на нашите членови, секогаш и во секое време, додаваат од ЈЛБ „Илинден” Делчево.
Апелираа и за да се избегнат казни, позајмените книги да се враќаат во предвидениот рок за да им бидат достапни на што поголем број читатели. вс/хс/