Утрински Весник
Македонија

Коронавирусот не ги спречи жителите на Тиквешијата да се протнат низ „Спровирачката“ за среќа

Коронавирусот не ги спречи жителите на Тиквешијата да се протнат низ „Спровирачката“ за среќа

Росоман, 6 мај 2020 (МИА) – Коронавирусот не ги спречи Тиквешани да се протнат низ отворот од карпа наречен „Спровирачка“, што се наоѓа во близина на селото Камен дол. Со векови, на овој ден, луѓе овде се протнуваат низ овој отвор од карпа, верувајќи дека тоа ќе им донесе здравје и среќа. Веруваат во чудната моќ на карпата.

Влезот од левата страна, прилега на влез во пештера. Овде многуте посетители најпрвин оставаат дарови и палат свеќи. По неколку чекори внатре, под карпата, во подисправена положба, се пристапува кон местото на провирање. Чинот се извршува во лежечка положба со главата напред, низ тесен отвор.

Од селото до карпата кај која се изведува ритуалот, се пешачи околу еден час по стрмен и карпест предел, на околу 600 метри надморска височина. Ѓурѓовден е селска слава во Камен Дол, чија црква го носи името на светецот Свети Ѓорѓија.

Весна Мојсова од Кавадарци веќе неколку години на Ѓурѓовден доаѓа кај каменот на среќата.

– Годинава, од трета смена на работа во фабрика, заедно со мојот вереник Миле Костов наместо да одиме на спиење, дојдовме овде со друштво, но ги почитуваме мерките за заштита, изјави Мојсова за МИА.

На лице место можат да се слушнат безброј приказни за исполнети желби и верувања дека можеби тоа се должи на магијата на каменото царство. свд/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!