Утрински Весник
Македонија

Конференција на ЦДТ: Транспарентноста во голем дел од Западен Бакан во опаѓање

Конференција на ЦДТ: Транспарентноста во голем дел од Западен Бакан во опаѓање

Транспарентоста на различните категории на власта во голем дел од Западен Балкан е во опаѓање. Кога нема примена на она што е регулирано со прописите или на она на што лицата се обврзале со стапување на јавна функција, не може да се зборува за политичка волја за почитување на законите. Корона кризата, пак, ги соголи недостатоците и лошите практики на институциите кога е во прашање објавувањето на податоците, беше посочено на конференцијата „Отвореноста како предуслов за контрола и одговорност на власта“ на Центар за демократска транзиција (ЦДТ) од Црна Гора, со поддршка од Националната фондација за демократија (НЕД) од САД.

На виртуелната конференција зборуваа претставнички на граѓанското општество и на централните власти од Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, кои посочуваа на речиси идентични проблеми во сите држави.

Отворајќи ја конференцијата, Милена Гвозденовиќ од ЦДТ ги презентираше наодите од проценката на состојбата на добро владеење на собранијата и извршните гранки на централните власти на четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, која заеднички ја направија Фондацијата Метаморфозис од Северна Македонија, Центар за демократска транзиција, Центар за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) од Србија и Здружението на граѓани „Зашто не?“ од БиХ, во рамките на регионалната мрежа „Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“ (ACTION SEE), со поддршка од Проектот за граѓанско учество на УСАИД и НЕД.

Според Гвозденовиќ, во Црна Гора политиката на отвореност сега најчесто зависи од добрата волја на извршните власти.

Ќендреса Сулејмани од фондацијата Метаморфозис кажа дека извршната власт во Северна Македонија остварила успех кога се во прашање полесните индикатори, но кога станува збор за кревање на свеста за отвореноста, резултатите се полоши.

– Во четири области, извршната власт има добри резултати, но состојбата е лоша во поглед на граѓанскиот буџет, во категоријата свесност, но и во поглед на конзистентноста, што според мене е многу битен момент. Владата не работи доволно на овие индикатори – порача Сулејмани.

Сања Божовиќ, советник за истражувања, анализи, транспарентност и одговорност во Владата на Северна Македонија, порача дека добрите резултати на извршната власт во Северна Македонија во поглед на транспарентноста во голем дел се должи и на соработката со граѓанските организации. Таа посочи на порталот „Отворена влада“, каде се објавуваат податоците за буџетското трошење.

Според Миша Бојовиќ од ЦРТА, во Србија состојбата е влошена во однос на претходната година.

– Достапноста на информациите за буџетите на министерствата падна в однос на претходната година и не можеме да следиме како се планираат и трошат парите -објасни таа.

Гордана Чомиќ, министерка за човечки и малцински права и општествен дијалог во владата на Србија, посочи дека проблемот со транспарентноста се зголемува како што се спушта хиерархијата, оти пониските ешалони не се толку под лупа на јавноста како високите ешалони.

– Што повисоко одите, отчетноста е подобра, а што подолу одите, толку е полоша, оти тие луѓе се подалеку од контрола од јавноста, а некогаш сакаат да „направат“ повеќе од тој горе… Моја препорака е во соработка со граѓанските организации да се прави едукција, да се наметне вредност на самообврзување за отчетност пред граѓаните, затоа што тие го полнат буџетот – рече Чомиќ.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Лукаревска: Со гордост ја напуштам функцијата, на Фани ѝ посакувам успех во зацврстувањето на социјалдемократските вредности

Зоран Заев единствен државник од Балканот спомнат во мемоарите на Меркел

Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот на патот Велес – Градско