Утрински Весник
Македонија

Коневски со писмо до Мицкоски: Биди сигурен дека вонреден конгрес ќе има, ти не си ВМРО-ДПМНЕ

Коневски со писмо до Мицкоски: Биди сигурен дека вонреден конгрес ќе има, ти не си ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски, преку писмо во јавноста бара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, достоинствено да си замине од функцијата.

„Сè уште актуелен претседателе на ВМРО-ДПМНЕ, зошто одбиваш достоинствено да си заминеш од функцијата кога и сам знаеш дека времето е дојдено? Зошто упорно продолжуваш да се срамиш себеси упатувајќи навреди и клевети кон луѓето кои бараат твоја оставка? Зошто се криеш зад партијата и постојано повторуваш дека е тоа напад врз ВМРО-ДПМНЕ?

Немаш право бесрамно да користиш ниски навреди и вулгарни зборови за луѓе кои животот го посветиле на ВМРО-ДПМНЕ, кои создале толку многу работејќи за државата и кои немаат ни најмала црна дамка во кариерите. Ти не си ВМРО-ДПМНЕ и едноставно не можеш да се поистоветуваш со партијата. Погледни го својот рејтинг, тој е дупло понизок од оној на самата партија“, вели Конески во писмото.

Според него, барањето вонреден конгрес за избор на нов лидер е нормална работа во секоја демократска партија.

„По сите изречени навреди, падна маската на универзитетскиот професор и се појави еден неморален човек кој некогаш повторно ќе застане пред своите студенти. Но, со кое лице? Повеќе од очигледно е дека твојата титула си ја добил преку непотизам, токму она против кое се бореше Владата водена од ВМРО-ДПМНЕ и донесе Закон за во иднина да не се случуваат вакви грешки, како што, за жал, си ти. Биди сигурен дека вонреден конгрес ќе има и тоа со огромна поддршка од делегатите кои во 2017 година тебе те направија претседател на партијата. Имај барем за крај доблест и свикај го сам вонредниот конгрес за да се поштеди партијата од поделби, застани пред делегатите со крената глава, заблагодари им се за довербата што ти ја укажаа и обиди се да го подобриш впечатокот за тебе во нивните очи. Тие се ВМРО-ДПМНЕ, а не ти“, вели Коневски.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Пенка Мукаетова именувана за нов потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

ЦУК преку СМС порака известува за кризната состојба прогласена за пожарите

Околу половина час се чека за влез во земјава на Табановце