Скопје, 13 април 2020 (МИА) – Компанијата за приредување игри на среќа .„Моцарт“ (Mozzart) донираше 5.000 евра за Клиничката болница во Штип, а досега има издвоено 50.000 евра за помош на болниците низ целата држава.
Директорот на болницата во Штип Ален Георгијев изрази благодарност за донацијата, истакнувајќи дека во овие моменти ваквите донации се од особена важност.
-Огромна благодарност до компанијата „Mozzart“ за оваа донација во висина од 5.000 евра. Таа ќе биде од голема помош и ќе биде употребена за поголема заштита на медицинскиот персонал во борбата со епидемијата со корона вирусот, изјави д-р Георгијев.
Од „Mozzart Bet“ досега помош добија Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Општата болница во Куманово, Општата болница во Дебар, Клиничката болница во Битола и Клиничката болница во Штип.
Компанијата најави дека во следниот период ќе додели уште две донации наменети за болници во подрачјата кои се најмногу погодени од коронавирусот, со цел што поефикасно згрижување на заболените пациенти.
Исто така, „Mozzart Bet’ во изминатиот период донираше и повеќе од 100 телевизори наменети за неколку домови за стари лица, детски домови и болници. хс/лв/