И после 4 годишната агонија со некомпетентни министри за култура, се појави мала надеж дека актуелната министерка Стефоска, можеби ќе внесе малку свежина и цврста рака во секторот култура, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Но, надежта набргу згасна. Доцнењето на плати, агонијата со колективниот договор и неговото лошо спроведување, неизвесност во културните институции за време на пандемијата, скандалите со УНЕСКО, фалсификатите, но и поставувањето на партиски фискултурни директори само потврдија работата оди на полошо и дека конечно мора да се слушне силниот глас на огромниот број на уметници и здрженија од културата кои јасно кажуваат: Е доста е!
Како Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ го поддржуваме протестот на актерите од Струмичкиот театар и иницијативата „Фис-култура или култура“ и апелираме до сите културни работници, да се огласат и за сите други вакви незаконитости во останатите институции“ велат од партијата.
Оттаму потсетуваат на скандалозниот Предлог-закон за остварување на јавниот интерес во културата кој е во собраниска процедура, во кој, како што додаваат, јасно стои намерата дека сите овие скандали се само најава за она што следува понатаму.
„ Со овој Предлог-закон, само ќе се даде легитимитет на криминалните политики на СДСМ во културата. Културата во Македонија мора да ја водат единствено работниците од културата!“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.