Во првите пет месеци, новата Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапува по 90 претставки. Од нив 78 се преземени од претставките поднесени до поранешната Комисија за заштита од дискриминација, додека останатите 12 се поднесени до Комисијата основана согласно новиот закон.
Од вкупниот број на разгледувани предмети, 25,5 отсто се поднесени од жени, 35,5 отсто од мажи, 32,2 отсто се поднесени од правни лица, додека 6,8 отсто се поднесени од група граѓани. Анализирајќи го и местото на живеење на подносителите, се гледа дека околу 45 отсто живеат во Скопје, додека останатите се од другите градови на земјата.
Анализите за пријавената основа на дискриминација не можат да се спроведат, бидејќи во голем дел од претставките поднесувачите не ја пријавуваат основата додека од содржината на претставката таа не може да се утврди. Комисијата планира да го надмине овој предизвик преку креирање образец што потоа ќе се внесува во базата на податоци што ќе ги обработува сите релевантни параметри за анализа на состојбата со дискриминацијата во земјата.
Комисијата за над 40 отсто од претставките испратила допис за изјаснување до потенцијалниот дискриминатор, околу 22 отсто од претставките биле отфрлени поради ненадлежност, 5,5 отсто биле отфрлени поради неуредност и покрај испратените дописи за дополнително уредување, додека за други претставки се уште се работи на анализа на содржината поради нивната обемност.
Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација отвора можност на барање на странката или по сопствена иницијатива, КСЗД да поднесе барање до судот да дејствува како пријател на судот (amicus curiae). Оваа можност е искористена во март 2021 година, кога Хелсиншкиот комитет за човекови права достави барање до КСЗД за вклучување во судска постапка во случај поврзан со системска дискриминација врз лицата со попреченост во однос на пристапноста до и во избирачките места.
КСЗД во април 2021 го изготви и своето прво стручно мислење по предлогот за воведување на категоријата етничка припадност во личните карти, содржан во предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за лични карти, информираат од Комисијата.
Комисијата во првите месеци од нејзиното работење потпиша меморандуми за соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Мрежата за заштита од дискриминација, како и Амбасадата на Велика Британија. Со овие меморандуми ќе се унапреди работата на комисијата и ќе се спроведуваат активности од заеднички интерес.
Првите месеци од работењето на новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација беа одбележани со бирократски препреки, но сепак таа успеа да ги исполни сите свои законски надлежности, наведуваат од Комисијата.