Утрински Весник
Македонија

Ковид-19 за неколку месеци успеа да го сруши деценискиот раст на авиосообраќајот во земјава

Од мај ќе летаме со авион по нови правила поради корона вирусот

Како гром од ведро небо, пандемијата на ковид-19 удри врз авиосообраќајот во меѓународни рамки и за само неколку месеци успеа да го сруши бројот на превезени патници во воздушниот сообраќај на нивото кое беше пред четири и пол децении. И во Македонија бројот на превезени патници со авион за првпат во изминатава деценија ќе забележи намалување, а разочарувачките податоци веќе е извесно дека ќе го сведат авиосообраќајот на нивото на периодот од пред модернизацијата на скопскиот аеродром во 2011 година.

Од компанијата ТАВ, како концесионер на македонските аеродроми, велат дека 2020 година започнала со одлични резултати во авиосообраќајот, при што во првите два месеци имало пораст на бројот на превезени патници од 15 отсто. Сепак, кризата со ковид-19 започнала со затворањето на двата аеродрома во средината на март 2020 година за период од три и пол месеци, како дел од владините мерки за спречување на влез и ширење на корона вирусот во земјава.

„Авијацијата е најпогодениот сектор од ковид-19 ширум светот. Штетите допрва ќе се пресметуваат, а последиците сигурно ќе се чувствуваат во следните неколку години. Следствено, ТАВ Македонија се соочува со тешки времиња поради ковид-19. Немавме приходи цели 3,5 месеци, од средината на март до 1-ви јули, кога повторно ги отворивме аеродромите. Сега сообраќајот на патници е намален за 68 отсто, како резултат на тоа и нашите приходи се намалени, додека трошоците сè уште остануваат исти“, истакнуваат за „Мета.мк“ од компанијата ТАВ.

Според податоците на Државниот завод за статистика, низ портите на двата македонски аеродрома од јануари до септември 2020 година минале вкупно 631.791 патник. Во идентичниот период лани, бројот на патници на аеродромите во земјава ја достигнал бројката од 2.043.228 патници, односно поради ковид-19 пандемијата авиосообраќајот изгубил над 1,4 милиони патници, без притоа во оваа бројка да се вкалкулира планираниот годишен пораст на патници којшто се очекуваше на аеродромите за годинава доколку не се појавеше пандемијата.

„Се надеваме дека наскоро ќе бидат укинати забраните за патување, воведени поради ковид-19 од страна на земјите членки на ЕУ, така што авиокомпаниите „Катар ервејс“, „ФлајДубаи“, „Ејџиан“ и „ЛОТ“, како и дел од рутите на „Виз ер“ ќе се вратат во мрежата на дестинации и од аеродромот во Скопје и од аеродромот во Охрид. Ограничувањата за патување за македонските граѓани се главниот предизвик за нашиот бизнис во моментот“, велат од ТАВ Македонија.

Не постои координиран пристап меѓу земјите во мерките против ковид-19

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев во интервју за „Мета.мк“ посочува дека најголемо негативно влијание во однос на воздушниот сообраќај имаат едностраните мерки за заштита од ширењето на ковид-19 кои ги преземаат државите. Авиосообраќајот не трпи национални прописи, односно еднострани применувања на мерки, како што се: забрани, карантини, изолации, ПЦР тестови и слично.

„Меѓународните воздухопловни организации инсистираа на координиран пристап. И првата прогноза за закрепнувањето на воздушниот сообраќај која ја направи Евроконтрол и која излезе на крајот на април, всушност имаше две варијанти – координиран пристап на државите и некоординиран. И се потврди тоа дека некоординираниот пристап, односно едностраните мерки на владите во државите, пред сè на Европска Унија, а и пошироко во регионот, значат големо негативно влијание врз воздушниот сообраќај“ вели Тунтев.

Податоците на Евроконтрол покажуваат дека целокупната авиоиндустрија се уназадува како резултат на недостигот на координација помеѓу европските земји. Според постојното сценарио, вкупниот број на летови во Европа се очекува да биде намален за 55 отсто во споредба со 2019 година или на европското небо да има 6 милиони помалку летови. Ова е дополнително намалување од 1 милион летови во Европа во споредба со претходното сценарио, кое пред неколку месеци го разви Евроконтрол во однос на влијанието на ковид-19 врз авиоиндустријата.

Поради недостатокот на координиран пристап меѓу земјите во однос на мерките за заштита од ковид-19, во ноември 2020 година се очекува намалување на бројот на летови за 58 отсто, до дека за декември падот би бил 54 отсто во споредба со идентичниот месец од 2019 година. Доколку би постоел координиран пристап меѓу самите земји преку хармонизирање на тестирањата и заеднички епидемиолошки пристап кон ковид-19, тогаш за последните два месеци од годинава намалувањето на бројот на летови би изнесувало само 20 отсто, прогнозира Евроконтрол. Слични предвидувања се дадени и за првите два месеци од 2021 година.

„Што се однесува до Македонија, евидентна ќе биде финансиската загуба на сите сегменти во авиоиндустријата, значи тоа пред сè мислам и на аеродромскиот оператор, и на давателот на навигациски услуги, затоа што и бројот на прелети е на ниво на 45 проценти во однос на минатогодишните, очекувам тој број да се задржи до крајот на годината, а секако и тоа се однесува и за Агенцијата за цивилно воздухопловство. Еве сега предвидуваме дека до крајот на годината нашиот годишен буџет ќе биде преполовен“, објаснува директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев; Фото: Арбнора Мемети

Единствена надеж за авиоиндустријата, вели Томислав Тунтев, е дека сообраќајот на почетокот на следната година ќе почне да закрепнува со побрзо темпо отколку што досега се очекуваше дека ќе биде направено.

Исмаил Камбери, истражувач од Институтот за европска политика, констатира дека во блиското минато не се забележани слични рестрикции од таков размер за движење во рамките на Шенген-зоната на ЕУ и од земјите-членки кон држави надвор од Европската Унија. Слични ситуации имаше за време на мигрантската криза во 2015 година, но со поединечни потези за затворање на граничните премини на одредени земји-членки на ЕУ.

Меѓу бројните некоординирани мерки против ковид-19 што ги презедоа европските земји е оној на Унгарија, која од 1 септември ги затвори границите за сите туристи и странски државјани, со неколку исклучоци за дипломати и брачните партнери на унгарски државјани. Оваа мерка е продолжена барем до 1 ноември, иако унгарските власти со неа воопшто не ја земаат во предвид епидемиолошката ситуација со ковид-19 во различните земји од каде би дошле посетителите од странство.

„Пандемијата е вонредна околност и таа имплицира воведување на вонредни мерки. Затворањето на границата на Унгарија како мерка кога безбедноста на земјата или нејзината јавна политика е загрозена е предвидено со Шенгенскиот граничен код. Имајќи го во предвид ова, дејствието на Унгарија не претставува загрозување на политиката на ЕУ, што во секој случај доколку ситуацијата се влоши, загуба би имале сите земји и нивните граѓани и на економски и на политички план“, посочува истражувачот Исмаил Камбери.

Тој дополнува дека Унгарија уште за време на мигрантската криза на некој начин си ја презема екслузивноста на менаџирање на сопствените граници. Камбери објаснува дека доколку бројките на новозаболени лица од ковид-19 продолжат да растат, тогаш може повторно да дојде до затворање на границите како внатре во ЕУ, така и во целиот свет.

„Доколку нашата земја бележи низок број на заболени, тогаш можеби другите земји ќе имаат послободна политика во однос на пропуштање на наши граѓани, доколку земјата на дестинација бележи висок број на заболени, тогаш можеби нашата држава ќе воведе задолжителен карантин на сите граѓани кои доаѓаат од таа земја“, поентира тој и додава дека земјите сакаат да постигнат баланс помеѓу заштитата на здравјето на граѓаните и одржувањето на нивото на економските текови.

Срушените планови за развој на македонскиот авиосообраќај

Владата на РСМ со унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Виз ер“ склучи Договор за финансиска поддршка за периодот од 2019 до 2022 година, со кој државата требаше да одвои субвенции во висина од пет милиони евра во наредните четири години за воведување на нови летови од аеродромите во Скопје и Охрид. Поради пандемијата на ковид-19, владата пролетва го стави во мирување ваквиот договор, а оваа состојба ќе продолжи до реактивирањето на авиолиниите согласно уредбите и условите предвидени во Договорот.

„За сите летови опфатени со Договорот за финансирање кои во моментов се суспендирани од страна на компанијата „Виз ер“ не се исплаќа финансиска поддршка“, објаснуваат за „Мета.мк“ од Министерството за транспорт и врски.

Всушност, ваквиот договор со „Виз ер“ е колатерална штета од пандемијата на ковид-19. Притоа, унгарската авиокомпанија не е единствената што привремено ги укина летовите од македонските аеродроми или ја намали фреквенцијата на летови што ги одржуваат на неделно ниво. Зимскиот ред на летање, којшто традиционално секоја година стапува на сила на крајот на октомври, како никогаш досега во земјава се соочува со воведувања и откажувања на авиодестинациите, кои се случуваат дури и на неделно ниво.

Фото: Архива на „Мета“

„Моментално, на скопскиот аеродром, од 13-14 превозници кои оперираа редовно, оперираат осум меѓународни воздушни превозници. Бројот на дестинации со кои е поврзан Скопје од оние вообичаени 40-ина сведен е на 20-ина. Со зимскиот ред на летање од превозниците кои оперираа минатата година, четири веќе ги откажаа операциите“, објаснува директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев.

Тој дополнува дека покрај четирите авиокомпании кои нема да летаат до почетокот на летниот ред на летање во март 2021 година, другите превозници најавиле дека ќе летаат со редуцирана фреквенција и број на дестинации. И на охридскиот аеродром, од вообичаените од четири до шест превозници што ги одржуваат авиолиниите во зимскиот период, претстојнава зима операции најавиле само една до две авиокомпании.

„Имајќи ги во предвид прогнозите за закрепнувањето во воздушниот сообраќај, имајќи ги во предвид прогнозите и на глобално и на регионално ниво, јас очекувам дека физичкиот обем на сообраќај би можел најрано кон крајот на 2023 година да дојде на ниво кое беше минатата година. Се разбира, сето тоа под претпоставка дека ќе има координиран пристап на државите, посебно во Европската Унија во однос на мерките за заштита и дека во сферата на здравствената заштита на глобално ниво ќе се случуваат работи кои ќе значат дека патниците ќе можат помирни, покомфорни, поопуштени да ги користат услугите во воздушниот сообраќај“, прогнозира Тунтев.

Охридскиот аеродром ќе чека подобри времиња за нова терминална зграда

Втората негативна последица што ја предизвика корона кризата во земјава е одложувањето на плановите за развој на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Терминалната зграда на овој аеродром беше димензионирана за максимум 300.000 патници годишно, а лани имаше речиси 320.000 превезени патници на овој аеродром. Томислав Тунтев вели дека аеродромскиот оператор размислувал во првата фаза да оди со реконструкција и проширување на постоечката терминална зграда во Охрид, додека во следната фаза да биде инвестирано дополнително во инфраструктурата што би овозможило прифаќање и отпрема на максимум 700.000 патници годишно.

„И сето тоа, веќе беше во фаза на план, на проект, имаше преговори и со Владата, во однос на релокација на одредени средства, оние што останаа од неуспешниот проект за штипскиот аеродром, и реална беше потребата од реконструкција и проширување на инфраструктурните капацитети на охридскиот аеродром“, посочува Тунтев.

Сепак, од ТАВ Македонија потенцираат дека сите дополнителни инвестиции што биле планирани пред ковид-19 кризата се запрени сè додека компанијата не закрепне од огромниот удар што го зададе корона вирусот.

„Во овој момент, се обидуваме да го одржиме бизнисот во живот. Се обидуваме да ги исполниме своите финансиски обврски навреме, во ситуација кога имаме драматично намалени приходи“, велат од ТАВ Македонија.

Покрај одложувањето на инвестициите на охридскиот аеродром, пандемијата на ковид-19 ги збриша сите реални прогнози за тоа кога аеродромите во земјава би можеле да го пречекаат 3.000.000-тиот патник во текот на една година. И експертите, но и аеродромскиот оператор, не се осудуваат во моментов да даваат оптимистички прогнози за развојот на авиосообраќајот во Македонија.

Сепак, состојбата со воздушниот транспорт во земјава ќе зависи од натамошното справување со ширењето на корона вирусот и статистичките податоци за бројот на активни случаи на ковид-19 што ќе ги имаме на 100.000 жители во наредниот период, а што претставува услов за прекин на ограничувањата за патување на македонските граѓани во земјите-членки на ЕУ. Постигнувањето на координираниот пристап на меѓународно ниво меѓу самите земји во однос на мерките за заштита од ковид-19 ќе биде значаен услов што би определил во кој правец ќе се развива и авиосообраќајот во земјава во следните месеци.

Засега прогнозите на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство се мрачни. Во 2020 година вкупниот број на патници во авиосообраќајот во светот ќе се намали за 57 до 61 отсто во однос на бројките што беа постигнати лани. Авиоиндустријата ваков драстичен пад не бележи во историјата наназад за време на било кој друг значаен меѓународен настан, вклучувајќи ги и нафтената криза во 70-ите години, ирачко-иранската војна во 80-ите години, кризата во Голфскиот залив на почетокот на 90-ите, азиската криза на крајот на 90-ите години на XX век, терористичкиот напад во САД на 11 септември 2001, како и епидемијата на САРС и светската финансиска криза што се случија во првата деценија од XXI век.

Автор: Бојан Блажевски

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм

Ратите за новите автобуси ќе се отплаќаат од 2028 година, најавува премиерот Мицкоски