Утрински Весник
Македонија

Ковачевски – Шолц: Од Брисел се очекува јасна порака и чекор за деблокирање на проширувањето

Премиерот, Димитар Ковачевски, и германскиот канцелар, Олаф Шолц, утрово по свечениот прием остварија тет-а-тет средба во Владата.

Како што информираат од владината прес-служба, соговорниците зборувале за теми од заеднички интерес поврзани со проширувањето на ЕУ, регионалната соработка и актуелната состојба со војната во Украина.

На средбата било посочено дека Германија останува еден од клучните политички партнери на Северна Македонија и значаен сојузник и поддржувач во процесот на европските интеграции на земјата.

„Процесот е дополнително охрабруван и поттикнуван и низ повеќе регионални проекти, како Берлинскиот процес за исполнувањето на препораките на ЕУ и неопходните реформи од европската агенда“, констатирале Ковачевски и Шолц.

Во пресрет на јунскиот самит на ЕУ под претседателство на Франција, од Брисел се очекува јасна порака и чекор за деблокирање на процесот за проширување со почеток на преговорите за Северна Македонија, како земја која ги исполни сите критериуми и услови и како стратешка одлука од безбедносно значење за Европа, било нагласено во рамки на разговорот.

Германија останува на определбата да биде најзначајниот трговски партнер на нашата земја што е потврдено со најголемиот број германски компании присутни во Северна Македонија во кои работат повеќе од 20.000 македонски граѓани.

Можете да прочитате

Деца државјани на Велика Британија го запалиле пожарот кај Стајковци

МНР го повикала на разговор бугарскиот амбасадор поради навредливите изјави на Георгиев

Температурите паднаа за 15 степени, измерени се само 4 степени во Македонија!