Утрински Весник
Економија

Ковачевски: Невработеноста падна на историски минимум, се намалува и државниот долг

Ковачевски: Невработеноста падна на историски минимум, се намалува и државниот долг

Сите показатели потврдуваат дека економските политики на Владата предводена од СДСМ ги даваат очекуваните резултати, истакна Димитар Ковачевски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Тој е дециден дека македонската економија излегува од кризата и се движи кон стабилни и поголеми стапки на раст, кон зголемување на економските активности и отворање на нови работни места.

Споделувајќи ги последните статистички податоци за невработеноста во земјата, Ковачевски рече дека стапката на невработеност денес изнесува 15,9 отсто, што е историски најниско ниво.

„Стапката на невработеност во вториот квартал годинава е пониска за 4,8 отсто во однос на истиот период лани. Истовремено, стапката на вработеност има раст од 1,5 отсто во последните три квартали, односно расте со темпо како пред пандемијата. И понатаму стапката на вработеност е доста висока кај мажите, на ниво од 55,8% и е многу блиску до просекот на ЕУ (60%), за разлика од жените кај кои оваа стапка изнесува 38,7%. Оваа Влада посветено работи на корекција на овој дизбаланс преку активните мерки за вработување каде оваа година за првпат се воведе принцип на искористување на овие мерки во сооднос 60% за жени и 40% од буџетот да бидат издвоени за поддршка на вработување на мажи“, рече Ковачевски.

Во однос на државниот долг, Ковачевски вели дека истиот е намален од 55,9 отсто од БДП на 52 отсто.

„Државниот долг е намален за 3,9 процентни поени во однос на 30 јуни годинава. Значајно и е што средствата обезбедени на меѓународниот пазар на капитал во изминатиот период се со историски најниска каматна стапка од 1,625 отсто. Цврсто стоиме на заложбата за стабилизирање на јавниот долг и негово позиционирање во рамките на маастрихшките критериуми“, рече Ковачевски.

Додаде дека просечната плата континуирано се покачува и од јуни 2017 година е зголемена за над 6.500 денари на 28.744 денари.

Можете да прочитате

Стразбур ја обврзува Македонија да ги врати долговите на јавните претпријатија во рок од три месеци

Угостителски услуги во ноември зголемени во однос на минатата година

Бислимоски: Покрај санкциите нема никакви проблеми во функционирањето на Лукоил Македонија