Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Ги реализираме ветувањата, политиките на раст на платите и на животниот стандард продолжуваат

Покачувањето на платите, покачувањето на пензиите, покачувањето на стандардот на граѓаните е она на што останавме доследни и на што ќе останеме доследни и во продолжението на мандатот иако на тој пат имаше голем број опструкции, сепак сите потребни решенија беа донесени, рече премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања во парламентот и додаде дека политиките на раст на платите и на животниот стандард на граѓаните ќе продолжат.

Тој посочи дека Владата го реализира клучното предизборно ветување на социјалдемократската Влада за просечна плата до 30.000 денари, што со последните податоци од Државниот завод за статистика е надминато. Односно, просечната месечна исплатена нето-плата од вработен во март 2022 година е на ниво од 31.080 денари, што во однос на март 2021 година е зголемување од 10,1 проценти или за една година просечната плата пораснала 2.863 денари, а во однос на март 2017 година покачувањето е 8.635 денари, кога просечната плата била 22.445 денари.

„Владата и во услови на најголема светска економска и од секаков вид друга криза продолжува со засилена динамика да работи на зголемувањето на просечната плата, тука удел, нормално, има и минималната плата, која ја зголемивме на 18.000 денари, а исто така и пензиите доживеаја историски најголем раст, првин преку усогласувањето направено на почетокот на годината преку менувањето на методологијата и усогласувањето што ќе следува во септември“, додаде премиерот.

Тој посочи дека во согласност со статистичките податоци ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата за вработен во финансиските дејности и дејностите на осигурувањето; уметност, забава и рекреација и објекти за сместување и сервисни дејности со храна.

Премиерот Ковачевски нагласи и дека мерките за поддршка за зголемување на платите во приватниот сектор преку субвенционирање дел од придонесите имаат значајна улога во зголемувањето на платите во приватниот сектор, а дека во јавниот сектор веќе се водат разговори за усогласување на платите во согласност со нова методологија, а насочи и на факторот невработеност, кој е на историски најниско ниво од 15,2 проценти.

„Ова покажува една поздрава кондиција на македонската економија“, оцени премиерот Ковачевски насочувајќи го како важно пред претстојната зима.

„Пред нас имаме тешка зима. Имаме држави што прогласуваат и вонредна состојба во однос на цената на храната и енергентите и достапноста на енергентите и значајно е што приходите на граѓаните се зголемени, имаме зголемување на минималната плата, пензиите се зголемени, имавме и еднократна помош при зголемувањето на цената на електричната енергија. Тоа нè прави поподготвени да можеме да го дочекаме наредниот период, кој очигледно ќе биде исклучително кризен на територијата на целиот европски континент“, рече премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во парламентот.

Можете да прочитате

Родители на загинатите во Кочани: „Мицкоски ни рече да си ставиме цена на децата!“

(Фото) Камион вечерва гори на автопатот Скопје – Тетово

(Фото) Камион вечерва гори на автопатот Скопје – Тетово