Премиерот, Димитар Ковачевски, заедно со лидерите на државите и владите на земјите членки во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСИЈЕ) денеска во Солун, учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. На самитот со премиерот Ковачевски присуствуваа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Со Самитот претседаваше премиерот на Грција, Кирјaкос Мицотакис, а на високо ниво учествуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.
Во своето обраќање премиерот Ковачевски потенцираше дека трите клучни приоритети за нашата земја во овој период на најголема криза по Втората Светска војна, се реализацијата на енергетските проекти, регионалната соработка, како и од неопходноста од интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
„Нема поголема и поефикасна одлука за зајакнување на стабилноста на регионот на Југоисточна Европа од отворањето на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија овој јуни под француското претседателство без никакво натамошно одлагање. Морам да истакнам дека интеграцијата во ЕУ е една од главните стратешки цели на Северна Македонија, ние сме целосно посветени на интегративниот процес. Нашето законодавство е околу 45% усогласено со законодавството на ЕУ. Покажавме дека сме доверлив партнер и бараме и работиме неуморно на решенија кои ќе го укинат ветото што го кочи процесот на проширување на ЕУ. Ние сме должни како Влада да најдеме брзо, но не избрзано решение кое ќе го чува нашиот идентитет и јазик и ќе се заснова на европските вредности, имајќи го предвид достоинството на нашите граѓани. Постојано покажуваме дека Северна Македонија е земја на пријателство и соживот, преку примерот на нашата функционална демократија. Ова се нашите автентични карактеристики. Така светот не препознава денес. Градиме пријателства. Посветени сме на изнаоѓање заемно прифатливи решенија. Во тој дух и на тој начин, Северна Македонија ги презеде сите неопходни чекори за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ. И додека навлегуваме во четвртиот месец од војната во Украина, сега сите можеме да се согласиме дека проширувањето на ЕУ со Северна Македонија и Албанија не е само прашање на проширување, туку пред се е прашање на заеднички стратегиски ангажман и безбедносно прашање. Интеграцијата во овој нов контекст значи заедничка заложба за градење силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократските и цивилизациски вредности“, рече Ковачевски во дел од своето обраќање.