Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Владата искрено и силно е посветена на негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик

Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина, изјави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, кој се обрати на настанот по повод Денот на македонскиот јазик.

Ковачевски во своето обраќање истакна дека Владата искрено и силно е посветена на негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет, и во таа насока прогласувањето на 5 мај за Ден на македонскиот јазик, во чест на денот кога во 1945 година Народната влада на Народна Република Македонија ја усвои азбуката на македонскиот јазик и кириличното писмо како официјална азбука и писмо, е една од обврските за исполнување на овој завет, што ги презеде Владата од 2017 година наваму.

„Денес, македонскиот јазик со својата посебност е признат во целиот свет. Впишан во личната карта на нашата држава во големото семејство на народи и на земјите членки на Обединетите нации. Оваа Влада искрено и силно е посветена на негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет. Ја продолжуваме поддршката на голем број книжевни дела од издавачката дејност на Институтот за македонски јазик како придонес за збогатувањето и унапредувањето на македонскиот јазик“, рече Ковачевски.

На настанот, на кој присуствуваа бројни претставници на политичката, општествената и академската јавност, свои обраќања имаа и министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска, претседателот на Советот за македонски јазик професор Људмил Спасов, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

 

 

 

 

Можете да прочитате

ЦУК: Активни пожарите кај селата Русиново и Никуштак, четири ставени под контрола

Стопанската комора активно на терен по избувнување на пожарот во фабриката во Виница

18 лица со повреди од пожарот во „Макпрогрес“ примени во Болницата во Кочани