Утрински Весник
Спорт

Клубовите од ПМФЛ: Нема услови да се доиграат преостанатите натпревари од тековната сезона

Клубовите од ПМФЛ: Нема услови да се доиграат преостанатите натпревари од тековната сезона

Скопје, 18 мај 2020 (МИА) – Раководството на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денска одржа состанок со раководните луѓе на десетте клубови од Првата македонска фудбалска лига.

Претставниците на Вардар, Силекс, Шкендија, Ренова, Македонија Ѓ.П., Шкупи, Академија Пандев, Работнички, Борец и Струга Трим Љум биле присутни на состанокот со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, потпретседателот Лазар Ракиџиев, генералниот секретар Филип Поповски, заменик генералниот секретар, Дрилон Ганиу и претседателот на натпреварувачката комисија, Игор Франговски.

Состанокот имал консултативен карактер во однос на начинот и предлозите за завршување на прекинатата натпреварувачка 2019/2020 сезона од Прва МФЛ.

Конечна одлука за натпреварувачката сезона ФФМ заедно со клубовите ќе донесе на нов состанок во најскоро можно време откако ќе ги добие препораките и мерките од протоколот за одржување тренинзи и одигрување натпревари од координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус КОВИД-19.

На денешната средба претставниците на прволигашите се согласиле дека поради органичената временска рамка нема услови да се одиграат сите преостанати натпревари до крајот од тековната сезона (13. натпреварувачки кола и ½ финале и финале од Купот на Македонија). По добивањето на протоколот за заштита од коронавирус, федерацијата и клубовите ќе излезат со заеднички став околу евентуалното продолжување на првенството во скратен формат или целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020.

ФФМ веќе е во процес на изготвување на протокол за одржување на тренинзи и одигрување на натпревари во услови на коронавирус и истиот ќе го презентира пред надлежните здравствени институции, се вели во соопштението.

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Манчестер сити на домашен терен прегазен од Тотенхем

Енди Мареј е нов тренер на Новак Ѓоковиќ

Чоло утре ќе влезе во историјата на Ла Лига