Заменик директорката на Институтот за јавно здравје на Србија, Дарија Кисиќ – Тепавчевиќ, изјави дека судејќи по сè наесен нема да има втор бран на епидемијата на коронавирус, пренесе „Танјуг“.
Таа додала дека во периодот на други респираторни инфекции, Србија ќе влезе со првиот бран на коронавирус, кој само ќе продолжи.
Изјавила дека е тешко Србија да има 28 дена без новозаболени, што, како што рекла, е услов да може да се каже дека првиот бран на епидемијата е завршен.
Кисиќ – Тепавчевиќ рекла дека во последните недели во Србија има пад на лабораториски потврдени случаи. Предупредила дека, сепак, граѓаните не треба да се опуштат и дека и понатаму треба да се придржуваат до сите мерки, кои, како што рекла, се покажале ефикасни.
Таа укажала дека може повторно да се разгори епидемиолошката ситуација, и дека посебно загрижува фактот дека во земјите од опкружувањето има тренд на пораст на бројот на ззаболени.
Нагласила дека српските државјани кои одат во други држави на одмор имаат поголема шанса да се разболат таму отколку во Србија.
Кисиќ – Тепавчевиќ, исто така, кажала дека има десетина пациенти кои во март или април имале коронавирус, а сега повторно се разболеле.
Како најголема непознаница со коронавирусот, таа го истакнала времетраењето на имунитетот кој се стекнува по прележување на вирусот.