Утрински Весник
Македонија

Кинеската помош пристигна на скопскиот аеродром, во неа над пет илјади тестови за Ковид-19

Кинеската помош пристигна на скопскиот аеродром, во неа над пет илјади тестови за Ковид-19

Скопје, 18 април 2020 (МИА) – Пет илјади и шестнаесет комплети за тестирање, 5000 заштитни одела, 30.000 заштитни медицински маски (вклучително 10,000 N95 и 20.000 хируршки маски), 10.000 медицински очила, 20.000 пара ракавици, 10.000 парчиња за заштита за чевлите пристигнаа денеска на скопскиот аеродром како помош за Северна Македонија од Народна Република Кина.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, кој е и национален координатор за распределба на странска помош и кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо по тој повод остварија видео-конференција на која испратија пораки до јавноста.

-На скопскиот аеродром денеска  пристигнаа преку пет илјади КОВИД тестови кои ни се исклучително неопходни и чии можности за набавка се ограничени, како и значајна заштитна опрема како што се заштитните скафандери, маски, заштитни капи итн, истакна Османи, при што изрази огромна благодарност до Народна Република Кина и до амбасадорот Џанг Ѕуо, за огромниот ангажман во обезбедувањето на оваа поддршка.

Во оваа прилика тој нагласи дека ова не е инцидентна поддршка, туку претставува дел од континуираната помош која Кина ја обезбедува за нашата земја и претставува доказ за одличната соработка како со амбасадорот Џанг Ѕуо и неговиот тим, така и севкупно со кинеската држава.

-Пред предизвикот со епидемијата од Covid-19, судбината на сите земји е меѓусебно поврзана. Ниту една земја не може да се справи со оваа епидемија сама. Кина и Северна Македонија се добри пријатели, добри партнери и браќа. Во најкритичниот период на превенцијата и контролата на епидемијата во Кина, водачите и пријателите од Северна Македонија ја изразија својата поддршка и симпатија за кинеската влада и кинескиот народ. Кина секогаш ќе го има ова во предвид, порача кинескиот амбасадор.

Тој нагласи дека и покрај тоа што Кина се уште се соочува со задачите за превенција и контрола на сопствен терен, успеала да да ги надмине тешкотиите и да обезбеди снабдување со антиепидемиски материјали како одговор на итното барање од страна на Владата во Северна Македонија.

-Релевантните владини агенции во Кина имаа тесна соработка, а кинеските компании работеа деноноќно за да ги произведат итно потребните резерви како на пример комплети за тестирање, заштитни одела, заштитни маски, хируршки маски, очила, ракавици и заштита за чевлите.  Во име на кинеската влада јас сега Ви ги предавам материјалите како помош за владата на Северна Македонија да се справи со епидемијата, му порача кинескиот амбасадор на Османи.

Тој напомена дека во моментов Ковид-19 избива во различни делови на светот, претставувајќи сериозна закана за животот и здравјето на луѓето и сериозен предизвик за економијата и потсети дека на неодамнешниот вонреден Самит на Лидерите на Г20, претседателот Си Џинпинг ja истакнал неопходноста меѓународната заедница да ја зајакне довербата, да дејствува во единство и да направи колективен одговор со сеопфатно засилување на меѓународната соработка.

-Битката против COVID-19 нè натера да сме посвесни дека сме во заедничка единица на човечката судбина. Кина и Северна Македонија, како и другите земји од Централна и Источна Европа треба да направат порешителни напори и да работат заедно со поблиска координација и соработка. Треба да испратиме порака за партнерство, солидарност и взаемна помош за да обезбедиме рана победа против COVID-19  заедно и да продолжиме да ја продлабочуваме соработката 17 + 1, порача амбасадорот на Кина.

Тој истакна дека на почетокот на следниот месец Националната здравствена комисија ќе одржи видео-конференција за министрите за здравство и медицинските експерти, на која ќе го покани и министерот Венко Филипче да учествува заедно со другите земји од Централна и Источна Европа, за да ја координира меѓународната соработка, да размени анти-епидемиски искуства и заеднички да го заштити глобалното јавно здравство.

-Од избувнувањето на COVID-19, ние одржувавме тесна комуникација и соработка. Кинеската страна, давајќи ѝ целосно помош на македонската страна, истовремено сподели технички документи за клиничките  протоколи за превенција и контрола, како и за дијагностицирање и лекување, и го сподели своето искуство со Северна Македонија преку видео конференција. Во моментов, Северна Македонија сè уште е под голем притисок на епидемијата. Кинеската страна е подготвена да ги надмине тешкотиите и заедно да се бори против епидемијата. И, ние сме подготвени да ги истражиме различните методи за промовирање на меѓусебната корисна соработка за време на епидемиската состојба, со цел да им бидат од корист на нашите две земји и народи, порача амбасадорот.

Тој додаде дека Владата на Република Северна Македонија презема ефективни мерки за контрола на епидемијата, а народот се бори против епидемијата со солидарност. -Верувам дека под силно водство на владата, мудрите и посветени луѓе во Северна Македонија ќе победат во борбата против епидемијата што е можно поскоро, додаде кинескиот амбасадор. ац/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина