Скопје, 16 април 2020 (МИА) – Кинеската амбасада во земјава денеска му донираше еден милион и 930 илјади денари на Министерството за здравство за справување со пандемијата со коронавирусот.
Средствата се собрани од страна на Кинеската амбасада, а наскоро се очекува во земјава да пристигне и донацијата од кинеската Влада.
– Донацијата е подготвена, само треба да се договорат техничките детали околу преносот. Кога Кина ги преживуваше најтешките моменти, вашиот претседател и Министерството изразија голема поддршка. Затоа сега е момент да направиме нешто и ние за Вас, истакна кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, кој лично му ја врачи донацијата на министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот изрази благодарност за донацијата и рече дека би било добро да разменат искуства со кинески епидемиолози и инфектолози, бидејќи вирусот во Кина е веќе во една поодмината фаза.
– Свесни сме дека има голема побарувачка на заштитна опрема секаде во светот и затоа сме благодарни за оваа помош. Би било добро на било кој начин да направиме некаква релација со епидемиолози или инфектолози од Кина бидејќи таму вирусот е во поодмината фаза, рече Филипче.
Го информираше амбасадорот дека земјава има стратегија за следните чекори кои би се презеле во наредните месеци по мерките за рестрикција.
Од кинеска страна помош е стигната и на ниво на збратимени градови. Така, збратимениот кинески град со Градот Скопје има донирано 50 илјади маски, а збратимениот град на Прилеп има испратено 200 заштитни одела.
На денешната кратка средба беше разговарано и за организирање на видеоконференција која би се одржала на почетокот на мај, а на која е поканет министерот Филипче лично од директорот на Државниот совет на јавно здравје во Кина. бак/сп/