Кина ја одобри својата прва вакцина против коронавирус за општа употреба на државната компанија „Синофарм“, соопшти кинеската Национална управа за медицински производи.
Станува збор за условно одобрување, што значи дека истражувањето на вакцината е сè уште во тек, пренесува АП.
Тоа е неактивна вакцина, што значи дека вирусот се одгледува во лабораторија и потоа се убива, по што микробот се инјектира во организмот за да се создаде имунолошки одговор на организмот.
Детални податоци за ефикасноста на вакцината не се објавени, но Институтот за биолошки производи во Пекинг објави дека вакцината е ефикасна 79,34 проценти, пренесува „Ројтерс“.
Иако Кина беше побавна во одобрувањето на вакцината од другите земји, веќе неколку месеци вакцинира луѓе со три различни вакцини кои се во завршна фаза на тестирање, пишува британската агенција.
Претставник на „Синофарм“ рече дека деталите за вакцината ќе бидат објавени подоцна.
„Сауф Чајна морнинг пост“ објави дека 50 милиони граѓани од групите со висок приоритет ќе бидат вакцинирани до лунарната нова година во февруари.
Цената на вакцината ќе зависи од нивото на употреба, но се претпоставува дека ќе биде бесплатна за кинеските граѓани.