Кинеската државна управа за регулација на пазарот објави дека е отворена истрага за технолошкиот гигант „Алибаба“ (Alibaba Group) поради наводни монополистички практики на компанијата.
Регулаторите во четвртокот рекоа дека истрагата се фокусира на наводите дека компанијата ги принудува трговците кои огласуваат на нејзината платформа да потпишуваат ексклузивни договори за соработка, што потоа ги спречува да продаваат производи на другите платформи.
Главниот весник на Кинеската комунистичка партија, People’s Daily, објави дека „ова е важен чекор во зајакнувањето на антимонополскиот надзор во сферата на интернетот и ќе придонесе за регулирање на секторот и промоција на долгорочен здрав развој на платформите.“
Истрагата доаѓа повеќе од еден месец откако регулаторите на Шангајската берза ненадејно ја суспендираа првичната јавна понуда на акции за сестринската компанија на Алибаба, „Ант Груп“ (Ant Group) повикувајќи се на „големи проблеми“. Светските медиуми известуваат дека суспензијата се случи откако претседателот и мнозински сопственик на „Ант Груп“, Џек Ма, кој истовремено е и ко-основач на „Алибаба“, јавно го омаловажи финансискиот систем на Кина обвинувајќи ги кинеските банки дека им даваат заеми на компании кои немаат потреба од пари, што им наштетува на добрите компании.
Кинеските финансиски регулатори, вклучувајќи ја и централната банка, соопштија дека ќе се состанат со „Ант Груп“ за да се разговара за нов надзор.
Повеќе од 750 милиони луѓе, половина од населението во Кина, во последните 12 месеци, заклучно со септември, купувале на платформата на „Алибаба“. Платформата „Alipay“, пак, на сестринската компанија „Ант Груп“, важи за неопходна алатка за плаќање на стотици милиони луѓе во Кина.
Големите страни за е-трговија во Кина и претходно беа мета на обвиненија заради блокирање на трговците кои продаваат на нивните платформи во корист на други трговци и заради непријавени аквизиции. Но, последната истрага е доста посериозна од сите претходни, затоа што антимонополскиот закон во Кина предвидува казни до 10 отсто од годишните приходи на компанијата, што во случајот на „Алибаба“ би изнесувало неколку милијарди долари.
Засилените контроли насочени кон деловната империја на најпознатиот кинески тајкун, Џек Ма, доаѓаат во време кога САД и Европската Унија прават напори да ја ограничат моќта на западните технолошки гиганти како „Гугл“ (Google) и „Фејсбук“ (Facebook).