Барселона, 18 март 2020 (МИА) – Тренерот на Барселона, Кике Сетиен е подготвен да го прифати назад во тимот офанзивниот играч на Баерн Минхен, Филипе Кутињо, кој е под наем на „Алијанц“ оваа сезона.
Според весникот „Спорт“, менторот имал неколку средби со раководството на каталонскиот колос за да разговара за трансфер-политиката за следната сезона.
Меѓу коментираните се и имињата на Кутињо. Најскапиот трансфер во историјата на Барса не импресионираше година и пол на „Ноу Камп“ и логично беше испратен во Баерн.
Во Минхен, сепак, Филипе продолжува да игра променливо. Веројатноста дека Баварците ќе платат 120 милиони евра за неговите права на крајот на сезоната, се еднакви на нула.
Така, Кутињо најверојатно ќе се врати во Барса, а на Сетиен не би му пречело да работи со него. Тренерот бил решен да ја врати самодовербата на кариоката и да види од него ниво, кое техничарот го демонстрираше во дресот на Ливерпул.
Се шпекулира дека токму детронизираниот европски клупски шампион е една од следните дестинации на Кутињо, но неговото враќање на „Енфилд“ нема да го дочекаат добро навивачите на англискиот гигант.
Мотивот на Сетиен е дека на Барса сега и треба играч како Бразилецот, кој може да дејствува меѓу двата реда. Тој имал намера да го постави на позицијата на Андрес Иниеста од пред неколку години.