Скопје, 15 мај 2020 (МИА) – Во Општина Карпош започнаа изведбените – теренски активности за новиот зелен и спортско – рекреативен центар, во кој се предвидува ново зеленило, фитнес дел, а во завршна фаза е и детското игралиште.
Градоначалникот Стефан Богоев изјави дека на оваа површина, од 11.190 м2 доминантно ќе биде зеленилото, а предвидено е засадување на нови, висококвалитетни дрвја, тревна површина, систем за наводнување на зеленилото, како и клупи за седење и корпи за отпадоци.
– Овој дел е во срцето на Карпош 3. Зоната ќе биде наменета за сите генерации на граѓани. Токму овие, маалски паркови придонесуваат за враќањето на маалскиот соживот и дружба, рече Богоев.
Оваа површина, која е дел од училишниот двор, во должина на булевар „Илинден“, посочи тој, повеќе години делуваше запуштено, додека граѓаните од овој дел на Карпош имаа потреба од содржини за спорт и рекреацијат. Изборот на спортски игралишта, нагласи, се направи и во консултација со нив.
Се работи на новите спортски терени за кошарка, мал фудбал, ракомет и сервис во дворот на основното училиште „Лазо Трповски“, во Карпош 3.
Локалната самоуправа, најави градоначалникот Богоев, продолжува со секојдневното уредување на јавните површини, а целта е да се раззеленат истите, но и да бидат со намена за спорт и рекреација, со што ќе ги привлечат карпошани да ги посетат и да поминат дел од слободното време. цр/дма/