Утрински Весник
Македонија

Казните за загадување на животната средина се зголемуваат до 20 пати

Казните за загадување на животната средина се зголемуваат до 20 пати

Се зголемуваат казните за загадување на животната средина. Владата на вчерашната 19-та седница усвои предлог-законско решение за измени во Законот за прекршоци со кое се зголемуваат глобите до 20 пати од сегашните, за прекршоци во областа на животната средина кои се предвидени во законите кои ја регулираат заштитата на природата, водата, воздухот, третманот на отпадот и други области од животната средина.

Казните, како што информираат од Владата, се однесуваат на прекршоците за загадување на околината предизвикани од човечки активности. Тоа значи дека поголеми казни во иднина ќе можеме да очекуваме дека ќе добиваат несовесните граѓани и фирми кои палат депонии, нелегално црпат песок, загадуваат води или почва како последица на индустриски процес, нелегално исфрлаат отпад и други.  Измените на законот за прекршоци и зголемените глоби ќе треба да се имплементираат и во сите закони кои ја регулираат животната средина.

„Усогласувањето на прописите од областа на животната средина со постојниот Закон за прекршоци ќе доведе до намалување на постојните прекршочни санкции, а поради потребата од регулирање на потребни стандарди со прописите од областа на животната средина, се избегнува намалувањето на висината на прекршоците од причини што е потребно заострување на казнената политика во областа на животната средина“, информираат од Владата.

Загадувањето на животната средина е еден од најголемите предизвици во земјава. Неколку македонски градови, меѓу кои и Скопје, повеќе години по ред се на листата на градови со најголемо аерозагадување. Според годишниот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за 2019 година, скопскиот и северозападниот регион влегуваат во црвената зона на земји со загадување со ПМ 2,5 честички со концентрации над 25 микрограми на кубен метар. Заедно со останатите земји од источна и југоисточна Европа, земјава бележи и над 1.500 смртни случаи на 100.000 жители годишно, како последица од загадениот воздух, што е највисок процент во Европа.

Од тие причини Владата пред две години донесе амбициозен План за чист воздух, со две Програми за намалување на аерозагадувањето, но најголемиот дел од мерките не се ниту почнати со реализација. Документот предвидуваше намалување на аерозагадувањето до 50 отсто во Скопје и од 30 до 50 отсто во другите градови. Но, како што веќе пишуваше Мета, според податоците од мерните станици на Министерството за животна средина, состојбата со аерозагадувањето не е значајно променета. Во минатиот месец, на пример, спореден со октомври од минатата и од 2018 година, висината на загадувањето на воздухот и бројот на загадени денови било во рамките на просекот од претходните години. Пред два месеци се случи и излевањето на јаловина од рудникот САСА во Каменичка река и предизвика еколошка катастрофа. Компанијата беше казнета со глоба во висина од 50.000 евра, а за одговорното лице глоба во висина од 15.000 евра како и да спроведе девет мерки, меѓу кои и да ги исчисти деловите од коритото на реката Каменица од јаловишен материјал и истиот да го однесе на депонијата.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!