Утрински Весник
Македонија

И Гарчани со честитка за изборот на отец Партениј за владика

И Гарчани со честитка за изборот на отец Партениј за владика

Дебар, 1 јуни 2020 (МИА) – Месната заедница на мијачкото село Гари, родното место на легендарниот копаничар на бигорскиот иконостас, Петре Гарката, испрати честитка
по повод изборот на отец Партениј, за епископ Антаниски.

– Со голема радост во срцето ја примивме веста дека нашиот почитуван отец Партениј е прогласен за владика. Неговото водење на четирите манастири во нашата земја, игра огромно значење за јакнење на христијанската вера, покажување на она што значи скромност, добрина, помагање на оној на кого му треба помош, се вели во честитката.

Во неа се додава дека Бигорскиот манастир за Гарци, како што самите се нарекуваат, е посебно место – светилиште на кое секогаш со радост се навраќаат.

– Тој за нас значи традиција, место каде што го наоѓаме нашиот мир и спокој, место каде што сме правеле и ќе правиме венчавки и крштевки за нашите деца. Нашиот отец Партениј со целото братство од Бигорскиот манастир и сестринствата од  манастирите: Св. Георгиј во Рајчица, Пречиста Кичевска и Кнежино, се секогаш тука за нас, да ни ги воздигнат и да ги направат подостоинствени славите кои ги празнува Гари, особено за Светијовановите празници, а помошта која ја добиваме е секогаш добредојдена и е од непроценливо значење, се наведува понатаму во честитката.

Потомците на Гарчани на отец Партениј му посакуваат здравје,спокојство и мудрост со желби да се радуваат заедно на уште многу успеси и јубилеи.

– Отец Партениј, Ви посакуваме добро здравје, љубов, спокојство, трпение и мудрост во сите идни предизвици и да продолжите и понатаму да работите со истиот ентузијазам и елан, а ние и понатаму ќе се радуваме за Вас и со Вас, за сите ваши идни успеси, радости и јубилеи. На многаја лета, се наведува на крајот од честитката до отец Партениј од жителите на селото Гари.

По Галичник, Лазарополе и Тресонче, Гари каде според преданијата е создано и најпознатото македонско оро Тешкото и каде најдобро се играло, е четвртото мијачко село кое упати честитка до отец Партениј. вт/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Зоран Заев единствен државник од Балканот спомнат во мемоарите на Меркел

Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот на патот Велес – Градско

Филипче: Платите на лекарите мора да растат