Утрински Весник
Свет

Италија сака да купи руска вакцина, Берлускони вели дека „спутник В“ е одличен

Италија сака да купи руска вакцина, Берлускони вели дека „спутник В“ е одличен

Претседателот на партијата „Форца Италија“, Силвио Берлускони, како што објави весникот „Ла Стампа“, изјавил дека руската вакцина „спутник В“ функционира одлично и дека Италија треба да ја купи таа вакцина на слободниот пазар.

Берлускони не е единствениот кој инсистира да се бараат вакцини на друга страна, бидејќи системот за набавки на Европската Унија, Ковакс досега покажа сериозни недостатоци, а поради еднострано намалување на испораките го загрозува и националниот план за вакцинација во Италија.

Лидерот на партијата „Лига“, Матео Салвини, исто така, бара од владата на премиерот Марио Драги да го следи примерот на другите земји од ЕУ, како што се Австрија, Унгарија, Данска и Словачка, кои веќе донесоа одлука за купување на руска вакцина.

Засега, во Италија се користат вакцините на Модерна, Астра зенека и Бионтек, чија испорака е договорена преку единствена програма на ЕУ.

Производителите на овие вакцини однапред добија пари за истражување и производство на лекот, но трет месец по ред еднострано ја намалија испораката на договорените количини вакцини.

Во Италија, која има 62 милиони жители, досега се вакцинирани околу 4,4 милиони луѓе.

Оној кој е вакциниран нема можност да избере со која вакцина ќе биде имунизиран.

Властите во Италија потсетуваат дека руската вакцина „спутник В“ сè уште не добила одобрение за употреба од Европската агенција за контрола на лекови ЕМА.

Но, Матео Салвини инсистира на тоа да не се чека одобрување од Агенцијата, затоа што здравјето на Италијанците е во прашање.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење