Утрински Весник
Свет

Италијански министер за „Спутник“: Ако е вакцината ефикасна, не ме интересира националноста на научниците

Италијански министер за „Спутник“: Ако е вакцината ефикасна, не ме интересира националноста на научниците

Италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца, изјави дека е отворен за руската вакцина против коронавирус „спутник В“ и е подготвен да разговара со руските власти за нејзина употреба, а можеби дури и за производството, доколку е одобрено од европските и италијанските регулатори.

„Ако вакцината делува, ако Европската агенција за лекови (ЕМА) и Италијанската агенција за лекови (АИФА) ни кажат дека е ефикасна и сигурна, не ме интересира националноста на научниците кои работеле на тоа и од која земја потекнува идејата. Затоа, јас сум апсолутно отворен кон руската вакцина, како и кон другите вакцини што може да се појават во светот“, објасни тој за телевизијата „Раи 3“.

Министерот потсети дека Италија започна да ги користи вакцините „Астразенека“, „Фајзер“ и „Модерна“ штом ЕМА и АИФА ги прогласија за сигурни и ефикасни.

„Кога тоа ќе се случи со руската вакцина, и се надевам дека тоа ќе се случи наскоро, ние ќе бидеме подготвени да соработуваме со руските власти со цел да го зголемиме и производството“, рече министерот.

Сперанца истакна дека во моментов главната задача на глобално ниво е што е можно повеќе вакцинирање на населението.

„Значи, нема смисла да се подигнуваат некои националистички бариери“, заклучи тој.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Еквадор со  дополнителни 10.000 војници ќе се бори против наркокартелите

Трамп најави царини од 10 проценти за осум европски земји поради Гренланд

Маск судски бара 134 милијарди долари од OpenAI и Microsoft