Утрински Весник
Македонија

Исцрпени средствата од „Стартапувај 2“, ФИТР ќе се потруди да обезбеди поддршка за плус 21 компанија

Исцрпени средствата од „Стартапувај 2“, ФИТР ќе се потруди да обезбеди поддршка за плус 21 компанија

Скопје, 19 јуни 2020 (МИА) – Вкупно 53 компании се дел од првиот инвестициски бран проектиран на 1,9 милиони евра од кои 1,5 милион обезбеди државата во соработка со Светска банка, а за останатите 400.000 евра ќе се погрижат претприемачите.

Од добитниците на финансиска поддршка, 80 отсто првпат аплицирале за ваков вид помош од државата, 55 отсто се компании понови од една година, 45 проценти се основани и водени од жени, а 90 отсто се микро претпријатија. Во однос на секторите, 40 проценти се од ИТ, а останатите се од областа на технологијата, здравтството, земјоделството, маркетингот, текстилот, креативните индустрии. Повторно, доминираат стартапи од главниот град, помалку има од внатрешноста.

Како што соопштија денеска вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски, овој втор јавен повик за поддршка на стартапи на кој има 30 отсто повеќе апликации од ланскиот повик, потврди дека младите имаат доверба во институциите, но и желба да отворат и да водат бизнис во земјава.

-Вкупно 53 компании се дел од првиот инвестициски бран за кој иницијалните 1,5 милион евра се целосно исцрпени. Жал ми е што буџетот не е поголем. Се покажа како недоволен поради зголемениот интерес на младите. Податокот дека 55 отсто од компаниите-добитници на средства се понови од една година, значи дека со вистинска мерка сме поттикнале многу млади луѓе да се охрабрат и да креираат сопствен бизнис. Покажавме дека сме вистински партнер на младите, истакна Деспотовски.

Тој како особено важен го нагласи фактот дека 90 отсто од оние што добија поддршка се микро комапнии што веќе вработуваат 220 млади луѓе, а се планира отворање работни места за плус 150. Се работи за работни места со високи примања од 40.000 денари во просек.

Директорот на ФИТР кој рече дека е можно наредниот месец да се објави следниот повик за стартапи, ги охрабри оние што овојпат аплицираа, но не добија. Рече дека ќе се заложи нивните барања да бидат повторно разгледани.

-Пораката до сите останати компании кои не се подготвени за финансирање е дека не го завршуваат патот тука. Ќе добијат образложение зошто не добиле средства, а ќе се овозможи и да се произнесат за образложението во наредните неколку недели. Ќе се заложиме апликациите повторно да им бидат  разгледани. Нека не се откажуваат, потецира Деспотовски според кој дополнителни 21 компанија се подготвени за инвестирање, но поради исцрпеноста на буџетот, средства нема доволно. Сепак, ФИТР ќе се заложи и за нив, ќе направи напор да се обезбедат 600.000 евра.

Вицепремиерката Царовска изрази задоволство од интересот на младите луѓе за отворање бизниси, но и од, како што напомена, нивната доверба во институциите. Особено позитивно го оцени податокот дека 45 проценти од компаниите кои добиле поддршка се основани и водени од жени, а тоа покажува, рече, што значи грижа за родова еднаквост.

-Ме радува оваа слика која покажува декка имаме неисцрпен потенцијал на млади луѓе. Секое вложување во нив е единствена исплатлива инвестиција. На пвикот се пријавија рекорден број, а тоа покажува дека довербата на младите луѓе во институциите е голема, рече Царовска, нагласувајќи и дека државата не поддржува само отворање нови, туку и зачувување на постојните бизниси.

Пред почетокот на презентацијата на јавниот повикот „Стартапувај 2“ на ФИТР во Владата, сопственик на фирма која доби поддршка од Фондот лани им порача на младите како него да не се откажуваат и да веруваат во успех – дека можат тука, кај нас, да отворат и да водат бизнис.

Успеавме да го реализираме проектот достигнувајќи 1,5 милион корисиници. Почнавме да генерираме приход и имаме 40 отсто квартален раст во време на КОВИД. Ви претстои тежок период во кој трба да го оправдате проектот, многу непроспиени ноќи и препреки се пред вас, а и многу ќе ви речат дека помалку од еден отсто ви се шансите за успех, дека во земјава нема квалитетен кадар. Но, верувајте во спротивното, не се откажувајте, порача младиот претприемач.

За поддршка на стартапи на јавниот повик „Стартапувај 2“ беа пријавени 235 компании од кои 181 влегоа во финала селекција. Лани на повикот имаше 186 апликанти. мч/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор