Утрински Весник
Македонија

Историчари од земјите од поранешна СФРЈ усвоија Декларација со порака историската наука да не се користи за политички цели

Историчари од земјите од поранешна СФРЈ усвоија Декларација со порака историската наука да не се користи за политички цели

Скопје, 16 јуни 2020 (МИА) – Историската наука ја злоупотребуваа политичарите, медиумите, многу интересни групи, но и самите историчари. Историскиот ревизионизам се применува за да се одржат старите и да се создадат нови митови, да се зајакнуваат стереотипите, да се развивааат предрасудите и омразата кон соседите.

Ова е дел од содржината на Декларацијата – Да ја одбраниме историјата, која беше промовирана викендов во Белград на последната конференција, во рамки на регионалниот проект „Кој прв почна?“.

Изминативе три години во рамките на проектот историчари од регионот (држави настанати со распадот на СФРЈ) дебатираа и дискутираа во врска со користењето, поточно злоупотребата на минатото во политички цели, како и за ревизионистичкиот пристап кон историјата со кој се соочуваат нашите општества. На дебатите, кои беа реализирани во рамките на проектот „Кој прв почна?“ учествуваа историчари од Северна Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.

– Преку Декларацијата, историчарите од регионот сакаат да упатат порака до сите општествени чинители историската наука да не биде користена за политички цели и поделби во општествата и помеѓу народите. Исто така, проектот цели да се создаде простор за историски и меѓукултурен дијалог и создавање на мрежа на историчари, писатели, новинари, студенти и поширока публика, која ќе придонесе за надминување споровите меѓу државите и градење на разбирање за историските наративи на другите, вели за МИА македонскиот историчар Петар Тодоров, кој е и член на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.
Тодоров нагласува дека Декларацијата е важна не само во однос на историјата, која ја споделуваме со народите од државите настанати по распадот на СФРЈ, туку и во однос на историјата, која ја споделуваме со народите на Бугарија и Грција.
– Во контекст на силна политизација на работата на Комисијата, минатото и неговото користење за политички цели, Декларацијата застанува и во одбрана на историската наука и нејзината злоупотреба во процесот, кој го почнавме со колегите од Република Бугарија. Особено е важна пораката, која се испраќа против историскиот ревизионизам, со кој се соочуваме изминатите децении и со кој се негираат или релативизираат злосторствата, извршени во текот на Втората светска војна, вели Тодоров за МИА.
Потписниците на Декларацијата, која е напишана и на македонски јазик, појаснува Тодоров, се залагаат за десет принципи – историјата е наука, историјата е динамична, историјата е дисциплина на критичкото мислење, историјата е мултиперспективна, историјата е целовита, историјата е наднационална, историјата е контекстуална, историјата е рационална, историјата е слободна и историјата е одговорна.
– Во државите создадени со распадот на СФРЈ силно е присутен ревизионистички пристап кон минатото. Историскиот ревизионизам е злоупотреба на историската наука, намерно и пристрасно искривување на претставата за минатото. Тој подразбира прилагодување на минатото за современите политички потреби, издвојување и нагласување на посакуваните и фабрикување на непостоечките податоци, селекција на историските извори, исфрлување на сé она што не им одговара на политичките идеи и програми, вели Тодоров за МИА изнесувајќи дел од содржината на Декларацијата.
Наспроти ова, се вели во Декларацијата, се наоѓа посакуваното унапредување на научните сознанија, откривањето на новите историски извори и новите толкувања на веќе познатите извори, примената на нови методологии и парадигми, постојаното преиспитување и реконтекстуализација – кои се задолжителни состојки на работата на историчарот.
-Сите држави имаат свои одредени политики на историјата, но националистичките идеологии и војните довеле до тоа, во државите создадени со распадот на СФРЈ, злоупотребата на историската наука да биде особено изразена. Историската наука се користеше за психолошки да се подготват војните, како и по војните да се одржува политиката заснована на експлоатација на националистичките страсти. Историската наука ја злоупотребуваа политичарите, медиумите, многу интересни групи, но и самите историчари. Историскиот ревизионизам се применува за да се одржат старите и да се создадат нови митови, да се зајакнуваат стереотипите, да се развивааат предрасудите и омразата кон соседите. „Ние“ сме секогаш жртва, „другите“ се секогаш виновни за сé. Со самовиктимизацијата се прави параноидна свест за историјата, која ја ослободува жртвата од сите морални обѕири и поттикнува желба за одмазда. Со самосожалувањето се хомогенизира нацијата, се збиваат нејзините редови, се потиснува плуралноста, а поединци и општествени групи тонат во замислениот „биолошки“ или „духовен“ колектив. Улогата на жртвата не скаменува во минатото и не ни дозволува да тргнеме напред, се наведува во Декларацијата.

Поради оваа појава, се додава во текстот,  во нашите општества се бришат јасните морални координати, се губи границата помеѓу фашизмот и антифашизмот и се создава опасност да се повторат злосторствата од минатото.

– Денес историјата е простор каде војните настанати со распадот на  СФРЈ продолжуваат да се водат со „други средства“. Овие војни се на најдобар пат да станат подложни на политички манипулации како и Втората светска војна. Годишниците и јубилеите се користат за националистичка мобилизација и зацврстување на авторитарната власт. Нема пиетет, ниту емпатија за „туѓите“ жртви. Нема ниту обид, со дистанца од речиси триесет години од почетокот на овие војни, секоја страна да се соочи со сопствената улога и одговорност. Денес историјата е „резервна воена позиција“ на која тлеат непријателствата кои ги разоруваат нашите општества, се вели во Декларацијата.

Во проектот, кој беше реализиран од страна на белградската невладина организација Крокодил, освен Тодоров учествуваа и Дубравка Стојановиќ, Божо Репе, Твртко Јаковина, Хуснија Камберовиќ, Аднан Прекиќ, Миливој Бешлин. ац/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерството за економија ја „спакува“ новогодишната кошничка

Владиката Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник

СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот