Утрински Весник
Политички Партии

Исполнети критериумите за старт на пристапните преговори, се чека одлуката на Европскиот совет

Исполнети критериумите за старт на пристапните преговори, се чека одлуката на Европскиот совет

Скопје, 3 март 2020 (МИА) – Напредок во клучните реформски области е констатиран во Извештајот на Европската комисија за исполнувањето на условите за пристапни преговори, што е основа врз која земјите членки на ЕУ овој месец треба да одлучат дали ќе го одобрат нивниот почеток. Извештајот на ЕК е фокусиран на судските реформи, судењата за висока корупција, вклучително и случајот со СЈО, безбедносните реформи и реформите во јавната администрација.

Документот заклучува дека со оглед на „значајниот остварен напредок и исполнувањето на условите едногласно поставени од Советот во јуни 2018, Комисијата препорача во својот пакет за проширувањето во 2019 дека Советот треба да започне преговори со Северна Македонија. Општо земено, Северна Македонија ги зголеми своите напори и испорача опипливи и одржливи резултати во клучните области“. Оттука, Европската комисија порачува дека оценката од 2019 не е променета и дека Северна Македонија треба да започне преговори со ЕУ.

Европската комисија вчера објави извештај и за реформскиот напредок на Албанија. По објавувањето на извештаите за двете земји, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји истакна дека тие покажуваат  оти земјите ја засилиле својата работа и испорачале дополнителни опипливи и одржливи резултати во клучните области утврдени во заклучоците на Советот од јуни 2018 година.

Објавувањето на Извештајот вчера коинцидираше и со посетата на Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Хрватска,  актуелниот претседавач со Советот на ЕУ. Шефот на хрватската дипломатија Радман на прес-конференција во МНР истакна дека донесувањето на одлуката за отворање на преговорите со Северна Македонија и со Албанија,  го гледаат како вовед во самитот во мај во Загреб.

-Ние сметаме дека самитот е клучната цел на нашето претседавање со Советот на ЕУ. Продолжувањето на политиката за проширување која е заснована на доследно исполнување на критериумите е од клучна важност за стабилноста и безбедноста на целата ЈИЕ, рече Радман, кој истакна и дека не е лесно да се смени името на државата и дека Северна Македонија заслужила да се почитува ветувањето.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на заедничката прес-конференција рече дека според првичните реакции, земјите членки на ЕУ ценат дека  објавениот извештај е реален што укажува, како што рече, дека со работите што се направени ги имаме исполнето условите за почеток на пристапниот процес.

Во однос на скептицизмот на неколку земји во Унијата кон проширувањето, Димитров рече дека допрва ќе се види нивниот став визави трите нови елементи – новата методологија за проширувањето, вчера објавените извештаи од ЕК и позитивните сигнали од францускиот претседател Емануел Макрон за време на Минхенската безбедносна конференција.

Премиерот Оливер Спасовски на средбата со делегацијата од МНР на Хрватска истакна дека со позитивниот извештај земјава покажала дека е кредибилен партнер кој за време на целиот евроинтеграциски процес ги исполнувала своите обврски, ги испорачала сите очекувани реформи и обврски, и дека тоа ќе и даде доволно силни аргументи на Хрватска, како актуелен претседавач со ЕУ, успешно да го менаџира процесот за одлучување во периодот пред нас.

-За нас е исклучително важно, после најновиот позитивен извештај на Европската комисија, одлуката за почеток на преговорите да биде донесена што поскоро, нагласи Спасовски на средбата со хрватската делегација.

Вицепремиерот Бујар Османи изјави дека по објавувањето на новата методологија за проширување на почетокот од февруари, позитивниот извештај од ЕК е втор клучен момент по самитот во октомври 2019 кои, како што наведе, на голема врата ја враќаат довербата во европските интеграции и го отвораат патот за одлука на Европскиот совет за почеток на преговорите со Република Северна Македонија уште оваа пролет.

Европскиот совет треба да ја донесе одлуката на 26 март, пред самитот „ЕУ – Западен Балкан“ кој во мај ќе се одржи во Загреб. Според вицепремиерот Османи, уште пред самитот овој месец ќе се расчистат дилемите дали преговорите ќе бидат само за нашата земја или во пакет со Албанија. хс/са/ 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Митева: Денешната оставка на Ковачевски е почеток на крајот за СДС и ДУИ

Jana

СДСМ: ДПМНЕ е осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери

Jana

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт