Утрински Весник
Свет

Иранскиот амбасадор во Русија: Знаеме кој стои зад убиството на Фахризаде

Иранскиот амбасадор во Русија: Знаеме кој стои зад убиството на Фахризаде

Иранскиот амбасадор во Русија, Казем Џалали, изјави дека Исламската Република знае кој е одговорен за убиството на нуклеарниот физичар Мухсин Фахризаде, пренесува „Росија 24“.

„Општо гледано, не е некоја вест дека нашите непријатели користат тероризам против Иран. Покрај тоа, ние знаеме кој стои зад сè, вклучително и некои влади. Во моментот, сите директни и индиректни докази со кои располагаме сугерираат дека Израел стои зад нападот, како што беше и порано“, рече Џалали.

Фахризаде беше наведен како еден од петмината Иранци на листата 500 најмоќни луѓе во светот на списанието „Форин полис“ во 2013 година. Тој беше професор на престижниот ирански универзитет „Имам Хусеин“, научник во Организација за атомска енергија на Иран и бригаден генерал во Иранската исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) специјализиран за ракети.

Фахризаде беше убиен минатата недела во напад врз неговото возило на околу 175 км источно од Техеран. Според извештаите, далечински управуван митралез го застрелал Фахризаде откако тој излегол од својот блиндиран автомобил.

По инцидентот, иранскиот парламент ги ратификуваше генералните црти на Националниот план за зајакнување на нуклеарната активност, предвидувајќи производство на најмалку 120 кг 20 отстотен збогатен ураниум на годишно ниво.

Осврнувајќи се на атентатот, Иран испрати писмо до ООН, велејќи дека има сериозни индиции за израелска одговорност за нападот и ги повика Советот за безбедност и генералниот секретар на ООН да го осудат убиството.

Повеќе нации, вклучувајќи ги Кина, Турција, Либан, ОАЕ и Бахреин го осудија нападот. Израел, пак, одби официјално да го коментира инцидентот.

Смртта на Фахризаде е најмалку седмиот случај на убиство на познат ирански научник во последните 15 години, за што Техеран ги обвинува израелските активности поддржани од Западот.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Три тела извлечени од потонатиот туристички брод во близина на брегот на Египет

Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата