Утрински Весник
Македонија

Ипсос: Граѓаните информирани за коронавирусот, младите најмалку загрижени, повозрасните со најголем ризик

Ипсос: Граѓаните информирани за коронавирусот, младите најмалку загрижени, повозрасните со најголем ризик

Скопје, 16 март 2020 (МИА) – Шеесет и седум проценти  од граѓаните во државава изразуваат значителна загриженост за себе и своите блиски поради корона вирусот, а 77 проценти  ја оценуваат заканата од него кај нас како умерена и голема. Најголем дел од граѓаните се информираат од телевизиите (76 проценти), а речиси половината од нив (49 проценти) информации бараат и по социјалните мрежи. Повеќето од граѓаните (69 проценти) ценат дека се многу добро или одлично информирани за корона вирусот.

Тоа се резултатите од истражувањето на агенцијата Ипсос, спроведено во вид на телефонска анкета, на национален репрезентативен примерок од 500 граѓани во државава во периодот од 13 до 15 месецов.

– Од податоците може да се заклучи дека граѓаните на Македонија во голема мера се чувствуваат информирани за ситуацијата. Телевизиите секако имаат примарна улога во информирањето на граѓаните, но користењето на неформалните начини на информирање, како социјалните мрежи, укажува дека е потребна зголемена лична одговорност при ширењето на информациите и нивната проверка со официјални извори. Само 16 проценти од граѓаните се информираат од официјалните веб страници на надлежните институции (Институт за јавно здравство, Министерство за здравство, итн.), па одговорноста на сите фактори при информирањето треба да биде зголемена, истакнува Ивица Соколовски, истражувач од агенцијата Ипсос.

Истражувањето укажува дека најранливата категорија граѓани, над 65 години се чувствуваат добро информирани за ситуацијата со коронавирусот. Но, од друга страна, младата популација споделува најмала загриженост за себе и своите блиски, истовремено чувствувајќи се најмалку информирани. Четирисет и два процента од младите изјавиле дека се чувствуваат малку или воопшто не се чувствуваат загрижени за себе и своите блиски, со истовремено најнизок процент на испитаници кои изјавиле дека се чувствуваат многу добро или одлично информирани за корона вирусот.

– Пропишаните мерки и начините на кои надлежните институции се справуваат со кризата наидуваат на поддршка од граѓаните, а мал дел од нив изразуваат мислење дека мерките треба да бидат подрастични. Тоа што младата популација се издвојува според својата (помала) загриженост и својата (помала) информираност од корона вирусот, укажува на потребата на зголемена одговорност која младите треба да ја манифестираат во овие моменти. Но не само младите, туку сите сегменти на нашето општество, потенцираат од Ипсос. лв/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим

61- годишна жена го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија