Кичево, 16 април 2020 (МИА) – Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Регион Охрид, на новинарите и медиумските работници од Охрид, Струга, Кичево и Дебар им подари заштитна опрема од вкупно 100 повеќенаменски заштитни маски и 100 заштитни ракавици.
-Покрај здравствените работници, полицајците и војниците, на кои им сме благодарни за огромниот ангажман во борбата против невидливиот непријател- коронавирусот, новинарите, се луѓето кои од почеток на пандемијата, постојано се на терен, до првата борбена линија во борбата против вирусот Ковид-19, вели портпаролот на СВР-Охрид Стефан Димоски.
Тој додава дека новинарите, извршувајќи ги професионалните обврски на полето на информирање на граѓаните, секојдневно се во непосредни контакти со други лица, меѓу нив и лица од можни ризични категории, бараат изјави од нив, престојуваат на различни места и објекти и се изложени на ризик од заразата.
Димоски истакна дека медиумите, преку информирањето, делуваат кон заштита на јавното здравје и јавниот интерес за подигнување на свеста кај јавноста за превенција и доследна примена на препорачаните мерки за заштита и справување со коронавирусот.
-Сметаме дека новинарите и медиумските работници, треба да бидат маскимално заштитени, и во својата работа треба да се придржуваат до безбдносните протоколи и препораки на надлежните институции. Веруваме дека оваа скромна донација од Интернационалната полициска асоцијација-регион Охрид, за новинарите и медиумските работници ќе значи мал чекор кон нивно подобро опремување со заштитни маски и заштитни ракавици кои им се неопходни на терен, ќе го зголеми степенот на безбедност во нивната работа и во зачувувањето на нивното здравје, рече Димоски. рз/ир