Скопје, 25 јуни 2020 (МИА) – Во Општина Арачиново инфраструктурните проекти се реализираат во континутитет, во последните три години. Тука сме за да се увериме дека градежните работи на канализациската мрежа во Арачиново се изведуваат според предвидениот план и утврдените рокови. Ова денеска го изјави премиерот Оливер Спасовски, кој заедни со министерот Горан Сугарески беше во работна посета на Општина Арачиново.
Премиерот Спасовски информира дека работите на терен почнале интензивно кон крајот на јануари годинава и веќе се завршени околу 55 отсто од канализациската мрежа. Паралелно работат две екипи на две различни локации. Премиерот е уверен дека со ова темпо, изградбата на примарната канализација за населеното место Арачиново во должина од повеќе од десет километри ќе заврши пред предвидениот рок, определен за март 2021 година.
-Кога пред три години се случија политички промени и кога некои се закануваа и предвидуваа федерализација и кантонизација, ние ветивме дека овде, во Арачиново ќе изградиме канализација. Го ветивме тоа затоа што е недозволено населено место на десет километри од главниот град да нема канализациска мрежа во 21 век, рече Спасовски. Додаде дека во оваа Општина најмалку се вложувало од страна на претходната власт, од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Спасовски посочи дека го следат напредокот на проектот, кој е вреден 106 милиони денари. Потсети дека во Општина Арачиново пред некое време завршија работите на новата современа општинска зграда, а останува да се доуреди просторотот околу зградата и да се опреми со канцелариска и со друга опрема за внатрешноста на зградата. Потенцира дека жителите на Арачиново сега побрзо и полесно ќе ги добиваат услугите од Општината. Потсети дека во 2017 и во 2018 година се извела реконструкција на постојната општинска барака, каде сега работи администрацијата. Се реновирало старото училиште, а во новото се вгради модерен и енергетски ефикасен систем за греење.
Преку Бирото за регионален развој и Агенцијата за поддршка на земјоделство и рурален развој се изгради локалениот пат кон село Грушино, а се почнува со изградба на шеталиште и велосипедска патека со хортикултурно уредување во Арачиново. Спасовски информира дека дел од работите на бунарите се завршени, а некои градежни работи на другите бунари се во тек со што ќе заврши и проектот за автономното снабдување на резервоарите на вода за непречен дотек на вода за пиење во Арачиново.
Премиерот најави дека во Општина Арачиново ќе почне градбата на прва градинка, која ќе биде најголема по површина и капацитет за згрижување на деца. Владата и понатаму ќе ја поддржува Општината и градоначалничката, потенцира Спасовски, додаде оти преку проектот за асфалтирање локални патишта Општина Арачиново има преку 600 илјади евра од државата кои ќе бидат за реализација на инфраструктурни проекти.
Градоначалникот на Општина Арачиново Миликије Халими рече дека работите на канализациската мрежа се одвиваат на терен непрекинато и во услови на пандемија со коронавирус. Додаде дека општината се менува и се реализираат круцијални инфраструктурни пректи како канализација, патишта, градинка, шеталиште… мд/скс/
Премиерот Оливер Спасовски и министерот Горан Сугарески во работна посета на општина Арачиново
Posted by MИА.mk on Четврток, 25 јуни 2020