Мутацијата на новиот коронавирус кој станува сè почест во Европа, а кој неодамна е откриен и во Малезија, веројатно ќе биде позаразна, но исто така и помалку смртоносна, рече Пол Тамбијах, истакнат лекар од Сингапур, специјалист за заразни болести.
Тамбијах е виш советник на Националниот универзитет во Сингапур и претседател на Меѓународното здружение за заразни болести со седиште во САД и вели дека мутацијата D614G е откриена и во Сингапур.
Лекарот рече дека има докази дека ширењето на мутацијата D614G во Европа се совпаднало со падот на стапката на смртност, што според него укажува дека е помалку смртоносна.
Тој додава дека мутацијата веројатно нема да влијае на ефективноста на потенцијалната вакцина, и покрај спротивните предупредувања од некои здравствени експерти.
„Можеби е добро што вирусот е позаразен, но во исто време и помалку смртоносен“, рече Тамбјах за „Ројтерс“, објаснувајќи дека повеќето вируси обично стануваат помалку вирулентни по мутирањето.
„Во интерес е вирусот да зарази што е можно повеќе луѓе, но не и да ги убие, бидејќи вирусот зависи од неговиот ’домаќин’ на чии клетки се прицврстува. Бидејќи тие самите немаат клеточни делови, тие зависат целосно од механизмот на создавање енергија и протеини на клетките на домаќинот“, рече тој.
Научниците ја откриле мутацијата уште во февруари, кога, според Светската здравствена организација, циркулирал во Европа и Америка. СЗО исто така објави дека нема докази дека мутацијата резултирала во потешка форма на болеста.