Скопје, 27 април 2020 (МИА) – Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби денеска доби „УВ Гард“ – уред со УВ зраци за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии, со цел зајакнување на условите во оваа установа каде се сместени и се лекуваат пациентите кои се заразени и позитивни на коронавирус. Уредот со УВ зраци е донација од македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров, соопшти Министерството за здравство.
Апаратот, како што се посочува, дезинфицира и површини и воздух, 360 степени наоколу, работи на принцип на зрачење кратка UV-C бранова должина од 254 нанометри, ги убива микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција, посторијата што се дезинфицира мора да биде празна, но тоа не е проблем, бидејќи уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува, УВ зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини, за просторија од 40 квадратни метри се доволни околу триесетина минути, а веднаш по дезинфекцијата се чувствува силен мирис на озон.
– Сакаме да им помогнеме на нашите здравствени работници. УВ Гардот е уред кој дезинфицира вируси и бактерии. Апаратот е мобилен, со функционалност да се движи на тркалца од една просторија во друга. Работи на струја и батерии, што претставува одлична можност за дезинфицирање на места, каде нема електрична инсталација. Се надеваме дека ќе помогнеме на Клиниката, затоа што лицата од првите борбени линии ја заслужуваат нашата најголема поддршка во справувањето со КОВИД-19, вели Поцков, кој заедно со Глигоров го имаат создадено овој уред.
До крајот на неделата, уште еден ваков УВ уред ќе биде дониран на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, информираат од Министерството за здравство. рп/лв/