Не е толку битно дали во Брисел почнавме преговарачки процес со ЕУ, сето ова може да се толкува и како почеток на преговорите и како невистински преговори, вистината е помеѓу. Знаеме дека само за нас постојат две фази и дека ќе можеме да ги отвориме кластерите само откако ќе го промениме Уставот. Кај Албанија тоа го нема и го немало кај никој претходно, вели во интервју за „Макфакс“ Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Според Кржаловски, и преспанскиот договор и овој со Бугарија, како што вели, принципиелно, се еднакво лоши за нас.
Оценува дека е добро што целиот процес за разгледување и изјаснување на францускиот предлог траеше кратко време.
„Добро е што кратко траеше, 15-ина дена, бидејќи всушност излезе дека ние наместо да се расправаме со Бугарија, ние меѓусебно си вадиме очи. Во некои толкувања тоа може да се смета дека беше целта и на бугарското вето и на грчкото претходно. Колку повеќе се одолговлекува нашиот пат, толку тензиите внатрешни растат и се создаваат конфликти“, вели Кржаловски.
Нагласува дека единството е тоа што овозможува одбрана на националните интереси.
„Не треба очи да си вадиме, треба да разговараме подолго, по мене требаше подолго да се разговара за предлогот. Не гледам посебна причина сега да се брза и да се заземат позиции, требаше да се остави простор за дискусија. Можевме и во август да го направиме ова, кај брзавме, освен да одиме на одмори со решено прашање, што не го сметам за добар аргумент“.
Проблемот на Македонија го поистоветува со движењето Me too појаснувајќи дека жените од холивудскиот свет имале секс за да успеат во кариерата.
„На некој начин јас така го доживеав ова, дека сме ние во таква ситуација – легнете со Бугарија и ќе влезете во ЕУ. Така го доживеав јас, не велам дека е најточно преставување“, додава директорот на МЦМС.
Како ќе помине отворањето на Уставот, како ќе градиме пријателство со земја која не го признава нашиот јазик, имаме ли добри лидери во државата, на овие прашања во интервјуто за „Макфакс“ со директорот на МЦМС, Александар Кржаловски.