Куманово, 22 март 2020 (МИА) – Екипите на Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ во ноќните и дневните часови вршеа дезинфекција на улиците, информираа надлежните од локалната власт. Утрово, мобилната екипа и камиони и специјални возила за распрскување извршија дезинфекција на улиците.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, споделувајќи фотографии и видео материјал, објави дека интензивно се спроведува дезинфекција на јавните површини.
– Апелирам! Останете дома со семејството, почитувајте ги препораките на Владата, секој од нас е можен потенцијален преносител. Заедно и организирано ќе го победиме вирусот!, повика Димитриевски.
Вчера, екипите на „Чистота и Зеленило“ во соработка со општинскиот инспекторат и секторот за комунални дејности со прописна лента ги оградија детските игралишта во Куманово кои претходно беа дезинфицирани.
Ова се дел од препораките кои ги наложи општинскиот кризен штаб кој заседаваше по шестти пат. Меѓу препораките се и барање до Владата да обезбеди 100 монтажни кревети и оградни паравани за преградување на простор, кои ќе се користат за карантински сместувања по потреба. Препорака се однесува и за ЈП Водовод-Куманово и СВР Куманово кои треба да воведат дополнително обезбедување на фабриката за производство на вода- филтер станица.
Советот на општина Куманово, вчера одржа и вонредна седница на која беа одвоени четири милиони денари за набавка на опрема и материјали за дезинфекција, возило, опрема за заштита, масло, пумпи… Штабот побара од граѓаните да ги отстранат непрописно паркираните возила за непречено да се одвива деизнфекцијата, и наложи на општината да продолжи со дистрибуција на храна и хигиенски средства на загрозените семејства. Воедно, побара од надлежните институции, засилена контрола, за лицата бегалци во реонот на Табановце за да не загрози здравствена состојба на месното население. ам/цр