Од вчера вечер инспекциските служби почна да постапуваат според новите, поголеми овластувања, прецизирани во последните измени во Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести. Така, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во повеќе градови изврши 48 надзори и 742 контроли во угостителски објекти, казина и обложувалници, согласно Законот за угостителска дејност, Законот за заштита од пушењето и Здравствените протоколи.
„При спроведените контроли во Гостивар, 2 надзора и 50 контроли, во угостителски објект кој се наоѓа во ТЦ Јавор, констатирано е прекршување на новите одредби од изменетиот Закон за заштита на здравјето на населението од заразни болести. Во истиот момент ДПИ на лице место го затвори објектот, а изречена е и парична казна“, соопштија од ДПИ.
Додаваат дека, најмногу контроли и надзори се спроведени во Скопје, 213 контроли и 12 надзори, при што немало прекршувања на здравствените протоколи. Потоа во Битола (9 надзори и 131 контроли), Штип (3 надзори и 83 контроли), Кавадарци (3 надзори и 63 контроли), Струмица (2 надзора и 50 контроли), а другите контроли и надзори биле извршени во Тетово, Охрид, Куманово, Битола, Струга.
„Според измените и дополнувања на Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, доколку на терен инспекторите констатираат дека одредено правно лице ги прекршува здравствените протоколи, во истиот момент ќе му се изрече привремена забрана за вршење на дејноста, од 10 до 30 дена, односно објектот на лице место ќе биде затворен. Дополнително, висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект, микро, мало, средно или големо претпријатие, како и за одговорно правно лице, трговец-поединец или физичко лице. Со ова покажуваме праведност во однос на големината на субјектот и нивото на самата казна“, информираа од ДПИ.